Бронзен медал освои средношколката Миша Веселински на Европската женска математичка олимпијада што деновиве се одржа во Цхалтубо, Грузија. Ова е подобар вкупен резултат како тимски пласман за нашата репрезентација во однос на минатата година, извести водачот на нашиот тим, Анета Гацовска-Барандовска.

Освен Веселински, Македонија на овој важен натпревар ја претставија и: Емилија Николовска, Нина Ламева и Сара Тошевска, а заменик-водач беше Ерблина Зеќири.
Нашиот тим беше избран на 5. Меморијален математички натпревар „Александар Блажевски-Цане“ кој на почетокот на годинава се одржа на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Учеството на олимпијадата го организира Сојузот на математичари на Македонија.





