Чест е да се биде национален претставник на можеби најзначајната и најстарата светска манифестација од областа на визуелните/ликовните уметности. Но, исто така е и многу одговорна задача, вели за Умно.мк уметницата Славица Јанешлиева во пресрет на отворањето на Македонскиот павилјон на 60. Венециското биенале на уметност. Изложбата „Помеѓу надеж и страв“ (Inter spem et metum/Between hope and fear) ќе биде официјално отворена утре во 18 часот во Скуола деи Ланери, католичката школа од 16 век во Венеција. Претставувањето на Македонија на престижната манифестација го организира Националната галерија, комесар е Дита Старова-Ќерими, а куратор е Ана Франговска. Нашиот тим веќе неколку дена е во Венеција и интензивно работи на поставката.

Јанешлиева вели дека е предизвик да се учествува на најстарата биенална изложба во светот.
– Секако е остварување на сон на секој уметник, бидејќи е можност за глобална видливост на творештвото. Сметав дека е ова добар период од животот и кариерата, односно дека имам доволна зрелост, творечко искуство и интегритет за да одговорам на комплексноста на реализацијата на проект/изложба за Венециското биенале. Чест е да се биде национален претставник на можеби најзначајната и најстарата светска манифестација од областа на визуелните/ликовните уметности. Но исто така е и многу одговорна задача. Сепак, учеството на Венециското биенале не е изложба која може да се реализира без екипа и ја користам оваа прилика да им заблагодарам на сите инволвирани за исклучителната професионалност – вели Јанешлиева.
Франговска вели дека проектот е веќе поставен на препознатливата локација каде нашата држава се претставува во последните 3 години и стекна видливост и препознатливост. Трансмедијалниот и транснаративен проект Inter spem et metum на Славица Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која не’ флра во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин.

– Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нè впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде нè соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа нè соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување… – вели Франговска.
Според неа, Јанешлиева преку нејзиното дело нè соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, заради наметнатите очекувања. Сепак, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција – мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта која е посупериорна од она што било претходно.

– Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање кои се различни причини од кои може да се црпи инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува. Уште некои важни слоеви кои ги истражува Јанешлиева се миграции и мобилност, глобализации, капитализам, инклузивност, слободата, стравот, надзорот итн.
Проектот на Јанешлиева секако е инициран од главната тема на биеналето осмислена од кураторот Адриано Педроса, „Странци насекаде“, пенетрирана низ повеќеслојни матрици – вели Франговска.
Нашиот тим вчера го посети првиот официјален настан на Биеналето – специјален настан посветен на творештвото на Неда Гуиди. Таму се сретнаа и со кураторот Педроса.

– Изложбата на Гуиди е поставена во Местре во Форте Маргера, нетипична локација за Биеналето и ретка можност да се посети тој парк и воена тврдина која обично се користела за други цели. Македонскиот павилјон не е сместен во Арсенале и Џардини и ретки се можностите за средби со учесниците, кураторите и организаторите бидејќи деновите се кратки за да се постават обично комплексните проекти, а и да се совладаат административните аспекти при изнајмување на простор. Добро е што го запознавме главниот куратор Педроса, кој ете, барем можеше да ги поврзе ликовите со имињата во програмата на Биеналето – вели Јанешлиева.

Ана Франговска, Адриано Педроса и Славица Јанешлиева (од лево кон десно)
Според неа, професионалните контакти се битни за секоја професија, па така и за уметниците.
– Впрочем, уметноста е начин на комуникација. На утрешното отворање на Македонскиот павилјон се најавени колеги, куратори, новинари. Се надевам ќе имаме време и ние да ги посетиме другите павилјони. Секако ќе се обидеме да создадеме нови контакти и се надеваме дека некои ќе вродат со соработка во иднина – завршува Јанешлиева.





