Мимоза Ристова: Жените и денес многу поретко добиваат Нобелова награда

Љубовните врски на Марија Склодовска Кири, нејзината депресивна состојба и појавата на спиритуализмот беа некако недоизречени кај моите претходници, дали од самоцензура или недоволна имагинација, не знам – вели професорката Ристова, која го објави својот роман „Варшавската срна“. 

Проф. д-р Мимоза Ристова е авторка на околу 110 научни публикации, од кои околу 70 во списанија со импакт фактор. Научник на годината на УКИМ за 2016 година, Ристова е коавтор на еден универзитетски учебник по електромагнетизам, три учебници по физика за средно образование, еден за основно, две збирки со експерименти и задачи за основно. Во 2017 година таа доби USA патент на изумот на уредот за спонтано цепење на водата. Но, жарта за пишување на Ристова не ја сконцентрирало само на полето на физиката и науката. Таа е авторка на неколку романи и драми. Нејзино последно дело е романот „Варшавската срна“, што неодамна беше промовирано од издавачот „Арс ламина“. Таа на привлечен начин ве убедува да ја прочитате нејзината книга во еден здив, а зборува за теми коишто многу малку се познати за светската научничка Марија Склодовска Кири.

– Од неколку познати фактографски податоци за личната историја на Марија Кири, Мимоза Ристова има исткаено една романескна таписерија пред којашто стоите со широко отворени очи, љубопитно, по своја волја, и со уживање го следите текот на настаните. Романот е читлив, не затоа што допушта површен тривијален пристап, туку затоа што го задржува вниманието со својата раскажувачка хармонија, последователност, живописност и драматичност – напиша во рецензијата за книгата, академик Катица Ќулавкова.

„Варшавската срна“ е вашиот последен роман. Одушевува со пристапот на раскажување, интересниот сплет на факти и фантазија. Тлееше ли долго време во вас овој роман?

– Зародишот на овој роман датира од пред 12 години. Тој тлееше и се крчкаше многу долго, зашто има многу комплексна историја. Најпрво напишав драма на истата тема. Сè почна во 2010 година со контактот со еден професор од битолскиот Универзитет кој од мене побара за направам предавање за животот и делото на Марија Склодовска Кири по повод 100 годишницата од добивањето на Нобеловата награда по хемија. Ми понудија скромни 200 евра хонорар за оваа намена во рамките на проект финансиран од Европската комисија. Имав два месеца да научам за жената за која ништо не знаев, освен дека ги открила радиумот и полониумот. Купив 5-6 биографски романи од кои најпознатиот е од американска новинарка Сузан Квин и ги проголтав за неколку недели. Одржав предавање за широк аудиториум на Природно-математичкиот факултет во Скопје, па и на Филозофскиот факултет. Одушевен од пристапот на предавањето, аташето за култура од Полската амбасада ме покани на ручек и ми донесе неколку подароци. Прв пат примив подароци за одржано предавање, веројатно сум допрела до срцето на Полска.

Верувам дека како научник, Марија Склодовска Кири Ви е инспиративна личност и научник. Може ли да ни го откриете патот до романот, дали истражувавте многу и за нејзиниот приватен живот за да стигнете до „Варшавската срна“?

– Патот до романот беше прав како пушка. Набргу по одржаните предавања на УКИМ се случи мало чудо. Додека непрестано во мислите бев обземена со мачниот живот на Марија во Полска и нејзината врска со Жоравски во Варшава, ми стигна покана од Меѓународната атомска агенција за мое учество на работилница врзана со нуклеарната безбедност и тоа во Варшава. Им понудив на организаторите-домаќини да го одржам истово предавање во неформалниот дел, бидејќи темата е толку актуелна, а башка, се случува во нејзиниот роден град. Ми стигна потврден одговор. Предавањето го одржав на Политехничкиот универзитет во Варшава, а присуствуваше и проректорката за наука. Многу полски професори со восхит ми честитаа со коментарот дека никој досега во ниту едно од бројните предавања што ги слушнале од своите колеги не ги чепнал аспектите на нејзината дискриминација волку отворено и дека се одушевени од пристапот во наративот. Утредента повторно добив неколку подароци од организаторите – некоку книги, сувенири и бонбониера. Очигледно беше дека допрев до слушателите и ги разгалив со својата посебно длабока посветеност кон оваа неверојатна Полјачка. И потоа настапи „темпларот“, скромен професор по радиохемија кој ми даде приватна тура низ музејот на Марија Кири кога тој беше затворен за гости. Тој го имаше клучот од музејот. Таму ми дозволија физички контакт со експонатите, предмети и облеки од Марија кои се сè уште радиоактовни. Седнав на работната маса на која пишувала и ја восприемив таа моќ што ни ја оставила во наследство. Како вдахновена од тој близок физички контакт со личните предмети на Марија, вечерта во хотелот „Хилтон“ седнав и напишав две сцени од драма, зашто немав доволно акумулирано знаење за повисок литературен израз. Потоа го откажав летот за Скопје и останав во Варшава уште 2 дена за да си го дооформам емотивниот супстрат за да се конектирам уште малку подлабоко со градот во кој била родена и формирана како борец. Потоа „темпларот“ ми отвори и други порти врзани со Склодовски. После многу години, материјата ја надвладеа тишината, па драмата си ја доби круната, стана роман. Цела мината година по завршувањето на лудилото околу короната се градеше од драма до роман. Романот конечно ја задоволи мојата потреба за длабок израз и „сликање“ без табуа, без автоцензура, а кои најверојатно ги измачувале моите претходници. Љубовните врски на Марија, нејзината депресивна состојба и појавата на спиритуализмот во нејзиниот живот беа некако недоизречени кај моите претходници, дали од самоцензура или недоволна имагинација, не знам.

Што е литературата за Вас и како ги раздвојувате научната работа со творештвото на полето на литературата?

– Ова прашање е врзано токму со таа неопходна коалиција од научна и литературна култура што се сплотија во мене за да се создаде ова дело. Од една страна, ме напаѓаше бура од емоции причинети од мојата емпатија со сите небиднини и несреќи што ја следеле Марија на секој чекор. Од друга страна, наидов на мноштво информации и биографски податоци врзани за научните факти кои научникот во мене многу добро ги разбра и ги преточи во литературно четиво за широка и нестручна публика. Нејзината научна работа беше слична со мојата. И јас во хемиска лабораторија мешам хемикалии и правам постапки за да создадам фотонапонски ќелии. Тотално „се зближивме“ јас и таа, па така успеав да чепнам од нејзината неизречена стварност.

И во романот ја отворате темата за местото на жените и девојките во науката. Имаме ли напредок и по 100 години на ова поле? Може ли да кажеме дека денес на девојките во науката им е поедноставно? Кои се нивните најголеми предизвици?

– Има напредок, но не сосем до крај. Жените можат да студираат и да работат во научни истражувања. Повеќе од 50 отсто од студентите по физика во Македонија се жени. Но, и кај нас и во светски размери жените и натаму далеку поретко успеваат да добијат Нобелова награда. Жените далеку поретко стануваат членови на академиите на науки. Ете, и кај нас, МАНУ брои околу 40 академици од кои само 4 се жени. Истото е и во Франција. Многу бавно се одвива оваа промена.

Вие сте гласен научник кој зборува за проблемите на УКИМ и науката. Како да пораснеме на светските листи на најдобри 1000 универзитети? Правиме ли воопшто вистински чекори?

– Може УКИМ да се рангира меѓу првите 1000, но тоа да се направи на малку поинаков начин отколку што за него фантазираат низ празни флоскули и фрази ректорските структури (текуштата и наредната гарнитура). Едноставно, треба да се има знаење и визија, но и мудрост. Државата доколку сака таков универзитет, тој може да и се случи, само да го издвои кампусот на природни науки од УКИМ, да го спои со неколку факултети со УГД (Штип) кои имаат висок растечки потенцијал. Потоа треба Собранието на Македонија да донесе закон со кој ќе се создаде Природнословен УКИМ кампус. Инаку ПМФ е доминантен во однос на научна продукција на трудови со импакт-фактор во однос на сите други. ПМФ со неколку факултети од УГД може да направи висок просек според методологијата за рангирање во кај доминираат научните трудови. И уште да профункционираат заспаните институции, како што е Националниот совет за високо образование и да го уредат начинот на финансирење, па да ги пораснат „насадите“ кои веќе никнале, зашто високо образоваие без наука не постои. Треба уште и да се консолидираат истражувачките капацитети, и да се креираат отворени лаборатории со отворен пристап за сите. И, богами, треба да се платат оние научници кои продуцираат и го креваат рејтингот. Не смее да постои непрогресивна урамниловка, па работеле, не работеле наука, сите да земаат иста плата. Само со наградување ќе има дополнителен пораст.

Пишувате ли нов роман периодов?

– Имам во глава еден многу тежок автобографски роман кој, и кај да е, ќе експлодира во мене и ќе потече од главата преку тастатурата. Само, додека пишува човек, емотивно страда и сочувствува со секој лик што го воведува, а тоа не е лесно за кревок емотивен систем. Можам да ви ветам дека наскоро ќе седнам и ќе удрам прва рака „темел со арматура“.

Сподели