Миленковиќ: Настапот со „Профундис“ е мое големо задоволство, ќе ја славиме музиката заедно!

Познатиот виртуоз на виолина, Стефан Миленковиќ ќе настапи со македонскиот камерен оркестар „Профундис“ утревечер во 20 часот во големата сала на Филхармонијата. Концертот е целосно распродаден и е еден од најочекуваните музички настани за сезоната.

Миленковиќ, познат по својата извонредна техника и емоционална длабочина, ќе музицира заедно со „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Заедно, тие ќе изведат возбудлива, сложена и технички најпредизвикувачка програма што вклучува ремек-дела од композитори како Паганини, Сарасате и Чајковски.
За програмата, маестра Дашиќ истакна дека утревечер ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика што се предизвик дури и за најдобрите музичари, но заедно со виртуозот Стефан Миленковиќ и врвните музичари од камерниот оркестар „Профундис“, публиката ќе има единствена можност да ужива во совршена изведба на овие ремек-дела.

Јане Бакевски

– Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер, во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори што го одбележаа минатиот век – рече денеска на официјалната прес-конференција српскиот виолинист.

Говорејќи за настанот, Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од „Профундис“, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.

-Настапувањето со „Профундис“ ќе биде мое големо задоволство. Нивната посветеност на совршенството и нивното суптилно разбирање на репертоарот ќе го направат овој настан вистинска прослава на музиката – изјави тој.

Јане Бакевски од Камерниот оркестар „Профундис“ и’ се заблагодари на публиката и на спонзорите за нивната несебична поддршка која е од огромно значење за поддршката на културата.

– Публиката е нашата инспирација, а поддршката од спонзорите значи живот за овој камерен оркестар и нови концерти , во поголема форма и со поголеми дострели – истакна Бакевски.

Соработката на Миленковиќ со „Профундис“ е опишана како совршен спој, комбинирајќи ја неговата солистичка виртуозност со префинетиот звук на ансамблот.

– Настапувањето на иста сцена со уметник од калибарот на Стефан е искуство што го инспирира и мотивира целиот оркестар. Ова е можност да се сподели сцената со еден од најдобрите виолинисти на денешницата и да се создаде магија која ќе остане запаметена – изјави Божидар Пејиќ.

Камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ, стекна репутација како еден од водечките камерни оркестри во регионот, познат по своите креативни и динамични настапи и иновативни програми. Со концертот кој е целосно распродаден, оние кои успеале да обезбедат билети можат да очекуваат незаборавна вечер на музичка генијалност.

Стефан Миленковиќ важи за „чудо од дете“. Роден во 1977 година, тој покажал извонреден музички талент уште од најрана возраст, одржувајќи го својот прв концерт на само шест години. Веќе на десетгодишна возраст, настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов и папата Јован Павле II. Со преку 1,000 концерти до својата 16-та година, Миленковиќ постојано ја потврдува својата техничка виртуозност и длабочина на интерпретација.

Неговата кариера е обележана со настапи на престижни сцени како „Карнеги хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург. Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на бројни престижни награди и признанија. Меѓу неговите титули се „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, што ја одразува неговата посветеност не само кон музиката туку и кон општеството. Тој исто така ја добил и титулата „Личност на годината“ и е познат како еден од најистакнатите уметници од Балканот.

Неговата интерпретација и уникатен стил продолжуваат да го воодушевуваат љубителите на класичната музика ширум светот, правејќи го Миленковиќ еден од најпознатите виолинисти на своето време. Миленковиќ не само што е извонреден изведувач, туку е и активен хуманитарец, со значителен придонес во светските хуманитарни напори и меѓународни музички соработки.

Сподели