Групацијата која обединува македонски професионалци ширум светот донираше 2.900 евра со кои СММ ќе ги реши финансиските предизвици
Речиси сите патни трошоци што на свој грб ги понсоа талентираните млади математичари од Македонија и нивните ментори на 65. Меѓународна математичка олимпијада што се одржа во Англија ќе бидат покриени со донацијата на Global Macedonians на Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Групацијата која обединува македонски професионалци ширум светот донираше 2.900 евра со кои СММ ќе ги реши финансиските предизвици.
– Со оваа значајна финансиска поддршка ќе се покријат речиси сите патни трошоци за младите македонски математичари кои учествуваа на ИМО 2024, овозможувајќи им да ги покажат своите вештини и знаења на меѓународната сцена и да се натпреваруваат рамо до рамо со најдобрите математичари во светот. Благодарност до Global Macedonians за нивната поддршка на овие млади математичари – соопшти СММ.
На 65. Интернационалната математичка олимпијада во Англија што се одржа во Бат, Англија, златен медал освои Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ и Леонид Тодороски освоија бронзени медали, а Никола Цветаноски, Бранко Јангеловски и Ивано Божиновски освоија пофалници. Македонската репрезентација на олимпијадата ја водеа менторите Илија Јовчески од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и Мирко Петрушевски од Машинскиот факултет во Скопје. Обајцата се членови на Сојузот на матемачарите на Македонија кои го организираат нашето учество на светскиот натпревар.
Global Macedonians е непрофитна, неполитичка организација основана во Цирих, Швајцарија, со визија да поддржува и поврзува професионалци во дијаспората. Целта на организацијата е да создаде платформа каде што сите, без разлика каде живеат и работат, можат да се вмрежуваат, споделуваат знаења и искуства, и да се ангажираат во активности кои ќе помогнат во унапредување на нивната заедница, како и во нашата држава, така и на глобално ниво.
Иако постојат само неколку месеци, веќе активно соработуваат со македонски стартапи, организираат настани за вмрежување и поддршка на македонски студенти во странство, како и на различни проекти за општествено добро. Со својата работа во овие рани фази, тие покажуваат посветеност и ентузијазам за да се направи реална разлика и да се поддржат младите таленти и претприемачи во Македонија.
Нивната работа е фокусирана на три главни области: бизнис, образование и општествено добро. Тие веруваат дека преку заедничка работа и поддршка, можат да го зголемат своето влијание и да придонесат за позитивни промени.
Сите заинтересирани што сакаат да бидат дел од оваа заедница може да се придружат на линкот: https://globalmacedonians.org/join-us
Годинава 50-тина македонски ученици учествуваа на врвни светски ученички натпреварувања и освоија вкупно 16 медали – 4 златни, 2 сребрени и 10 бронзени и повеќе пофалници.
Умно.мк скоро три месеци пишува за проблемот со кој се соочија сите научни друштва што ги организираат учествата на домашни и на меѓународни натпревари. Најголем дел од учениците и менторите годинава сами ги поднесоа трошоците за котизации и скапи авионски билети до далечни земји. Нештата малку ги олесни повикот за донации на кој се одзваа компании, групи и поединци. Проблемот е што Министерството за образование и наука доделува акредитации на научните здруженија да ги организираат домашните и меѓународните натпревари, но Законот за средно образование не дозволува финансиска поддршка, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места. Поради изборите и системските трансформации во изминатите мецеси учениците и водачите не ја добија и досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт која им рефундираше дел од парите по завршувањето на натпреварите. Годинава изостана и поддршката од ТИРЗ.
Законски измени за поголема поддршка и повеќе пари за талентираните ученици најавија министерската за образование и наука Весна Јаневска и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на завчерашната средба со македонските ученици кои годинава освоија награди и признанија на престижни меѓународни натпревари и со нивните ментори. Тие ветија дека државата ќе обезбеди поголема грижа за талентираните ученици и финансиската поддршка за учество на меѓународни научни олимпијади и натпревари нема да биде доведувана во прашање.
(В.И.И.)