Претставата „Варвари“ од Максим Горки во режија на Владимир Милчин е најновиот проект што од вчера почна да се работи во Македонскиот народен театар. Станува збор за драма што се занимава со социјалните и моралните конфликти на почетокот на 20. век во Русија. Претставата се одвива околу интелектуалецот, кој се соочува со растечките разлики меѓу старото и новото, традицијата и модерноста.
Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти на тогашното руско општество. Тие се поставени во ситуација на морална дилема, каде што мораат да се соочат со своите лични и социјални вредности.

Јордан Симонов (лево), Владо Јовановски и Тони Михајловски
Ова дело за првпат се поставува во Македонија. Во претставата играат 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на проф. Владимир Милчин.
Владимир Милчин (1947) е режисер кој работи во МНТ од почетокот на неговата кариера –бил и драматург и режисер во Драмата при МНТ во периодот од 1970 до 1982 година, а „Варвари“ е негова 24-та режија во театарот. Дипломира на отсекот за режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, во класата на д-р Хуго Клајн. Милчин е основач на алтернативниот театар „Не-театар кактус“ (1964-1970). Заедно со Слободан Унковски ја водел алтернативната група „Театар кај св. Никита Голтарот“ (1970-1972). Исто така, тој, додека хонорарно водел актерска класа на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во периодот од 1972 до 1974 година. Милчин е еден од основоположниците на Театарската работилница на Филозофскиот факултет (1979-1983). Од 1982 година, тој води класа за актерска игра на ФДУ. Со режија започнува во почетокот на 60-тите години и работи во скоро сите театри во земјата, како и надвор од Македонија. За дел од нив има добиено и награди на МТФ „Војдан Чернодрински“, Фестивалот „Стериино позорје“, МЕСС – Сараево, Фестивал „Сплитско лето“, како и награди за животно дело „Св. Климент Охридски“ (2018) и „Војдан Чернодрински“ (2019).

Верица Недеска
Сценограф е Беди Ибрахим, костимограф е Марија Пупучевска, преводот го направија: Ема Марковска-Милчин и Владимир Милчин, асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот Владимир Милчин.
На сцената на Македонскиот народен театар досега се поставени следниве драми од Максим Горки: „Малограѓани“ (1951), во режија на Илија Милчин, „На дното“ (1954), во режија на Илија Милчин и Илија Џувалековски, и „Децата на сонцето“ (1973), во режија на Илија Милчин.
Фотографии: Кристијан Теодоров





