Три дена музички документарци во „Котур“

Деликатесни музички документарци за рок фотографот Антон Корбајн ќе бидат прикажани во Кафе и филм „Котур“. Проекциите ги организира фестивалот „Скопје синема сити“ од 6 до 8 февруари во 20 часот. Ќе бидат прикажани три значајни музички документарни филмови: „Изнесено на Виделина“, „Њу Ордер – Декади“ за бендот Њу Ордер и „Моби Док“ за музичарот Моби.

„За да го одржиме ритамот до следното фестивалско издание на кое не чекаат многу изненадувања, од четврток до сабота, ви нудиме загревање со деликатесни музички документарци, во клупскиот амбиент на Котур“.

Првиот филм, „Антон Корбајн: Изнесено на Виделина“, кој ќе се прикаже на 6 февруари, го следи животот на холандскиот фотограф кој ги создал некои од најпознатите портрети во изминатите 4 декади како Ник Кејв, Боуви, U2, Металика и Нирвана.

Вториот филм, „Њу Ордер: Декади“, ја прикажува соработката на бендот Њу Ордер со Манчестерскиот интернационален фестивал и истовремено ја истражува историјата на групата, вклучувајќи ја и нејзината претходна инкарнација, „Џој дивижн“.

Последниот филм, „Моби Док“, ќе биде прикажан на 8 февруари и е експериментален биографски документарец за музичарот Моби, кој преку комбинација на интервјуа, реконструкции и архивски материјали ја прикажува неговата трансформација од бунтовен панк музичар во глобална суперѕвезда и активист.

Сподели