Во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје денеска во 14 часот ќе биде отворена изложбата „Мезанин“ и ќе се одржи промоција на публикација од Иван Ивановски. Според Владимир Јанчевски, историчар на уметност, Ивановски е визуелен уметник кој речиси две децении создава еден специфичен и препознатлив свет, простор на границата на физичката реализација и анимираната реалност.
– Тој е автор кој е подеднакво и фанатичен цртач, сликар и скулптор, но и искусен и талентиран аниматор, некој за кого во светот на плодната интеракција меѓу текстуалната предлошка и визуелниот свет кој се перцепција, толкува и креира, не постојат цврсти и непроменливи граници. Таа релација помеѓу зборот и сликата е секогаш двонасочна и едното произлегува од другото. Дали уметникот е парадигматичниот лик кој е очекуваниот носител на промената на прогледувањето, или е само романтичен поглед на само уште еден од редицата изолирани поединци кои се заглавени во сопствениот идиосинкратичен израз, лишен од вистински целисходна комуникација, и борба за ослободување. Во меѓупросторот, некаде на мезанинот, додека чувствуваме треперењето на битовите и пикселите, сè уште го бараме одговорот – вели Јанчевски.
Ивановски (Скопје, 1983) дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2008 година на отсекот скулптура, во класата на проф. Беди Ибрахим. Студира филмска режија на Академскиот програм на Факултетот за ТВ и филмскa уметност (FAMU), во Прага, а потоа Културолошки студии на „Институт за македонска литература“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Изработува скулптури, цртежи, инсталации, слики, видео… Реализирал повече од 20 индивидуални изложби. Неговите анимирани филмови се претставени на различни регионални и интернационални филмски фестивали во светот.
Изложбата ја организира Центарот за современи уметности од Скопје, а поддржана од Министерство за култура и Општина Центар.





