Мето Јовановски: Дипломираа многу талентирани деца, тешко е да се вработат. Тоа е проблем

Актерот е годинашниот лауреат на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Тој одржа панел дискусија по проекцијата на култниот филм „Тетовирање“ во режија на Столе Попов

Филм како „Тетовирање“ денес малку потешко може да се работи. Снимањето во тој простор, таков каков што е, не е едноставна работа. Има големи последици зашто многу од тие сцени се документаристички, автентични. Луѓето кои играат таму, статистите се вистински затвореници, рече актерот Мето Јовановски, годинашниот лауреат на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ на вчерашната панел дискусија што се одржа по проекцијата на култниот филм во режија на Столе Попов.
– Многу од нив имаа извршено тешки кривични дела и споделуваа со нас некои моменти. Во филмот еден статист што ги храни птиците – тој беше осуден за трикратно убиство. Имаше повеќе такви случаи. За нив беше привилегија да бидат во екипата, да бидат со нас. За нив тоа беше шанса да побегнат од сивилото. Знам дека го имате гледано филмот, некои можеби и по неколку пати. Но, дефинитивно е култен филм, а Столе е ретко добар режисер – рече Јовановски.

Тој раскажа за колегијалноста од тој период, изборот на актерите кои се големи професионалци. Неколкумина биле од Белград, бидејќи во тоа време сите соработувале, работеле со многу желба, со многу љубов кон професијата, организациски било беспрекорно.
Јовановски смета дека треба да се соработува и со поранешните југословенски простори.
– Многу е важна соработката зошто филмот е нешто што не може да се локализира само во овој наш мал простор. Македонија е премал простор за филмаџии, филмот е едноставно нешто што бара соработка. Ова е скапа играчка. Ако можат Франција, Германија и Италија да соработуваат, зошто и ние на Балканот да не соработуваме? – праша Јовановски.

Во својата кариера тој соработувал со големи режисерски и актерски имиња на снимањата во Србија, Босна, Хрватска. Една од овие соработки е со Мира Фурлан на филмот „А за сада без доброг наслова“ („А за сега без добар наслов“).
– Режисерот ни рече дека има проблем како да ги спаси актерите зошто статистите се подобри од нас. Едноставно во филмот некои работи се чудни – раскажа Јовановски.

Иако денес е пензиониран, веќе шест години работи со студенти и вели дека е многу задоволен.
– Има студенти кои се прекрасни. Навистина е прекрасно да се работи со млади луѓе, една нова генерација која има свој нов сензибилитет и на друг начин гледа на нештата. Жално е што завршија многу талентирани деца, кои покажаа неверојатни резултати, но многу е тешко да се вработат. Тоа е голем проблем. Младите луѓе треба да имаат можност да одат во светските или европските центри да соберат искуства. Треба да им се даде шанса. Работевме на краток филм „Божиќно дрво“ кој го снимавме на Козјак и се надевам наскоро ќе го прикажеме – рече Јовановски.

Осврнувајќи се на актуелната состојба во културата, Јовановски истана дека, за жал, кај нас нештата функционираат според некои други правила и во догледно време мора да има некакви промени во секоја смисла. И во театарите гледа закоравеност.
– Кога во театарот ќе се случи таа жабокречина – по работа повеќе години, се познавате како фамилија и нема предизвик за проекти – тогаш е потребен некој како Паоло Маѓели, кој ќе дојде и знае да ја наелектризира целата атмосфера. Со него сум работел и во Македонија и во Сплит и во Црна Гора и тоа е потребно сега кај нас во оваа ситуација. Ништо не се случува. Било пандемија… секогаш има нешто, денес е пандемија, утре ќе биде нешто друго. Секојпат имало проблеми. И ние кога работевме имало проблеми, но треба жестоко да се бориме за она за кое сме предодредени. На човекот за живот му треба храна, вода, чист воздух… но потребна е и духовна храна. Уметноста генерално е важна и потребна во едно општество и тука се и фестивалите како репрезент на сè она што се случува во еден град или држава. Тие се мост на соработка, надополнување, дружење. Да не бидеме затворени, нема полошо да се биде затворен во еден простор. Не можеш да бидеш генијален или голем во мал простор – рече Јовановски.

Гена Теодосиевска во воведот на панел дискусијата истакна дека Столе Попов секогаш инсистирал Мето Јовановски да биде еден од неговите главни актери. Таа додаде дека актерите од неговата генерација сè повеќе се чувствуваат клаустрофобично, бидејќи има сè помалку има улоги за нив, а тоа го покажуваат новите филмови и продукции.
– Едноставно како да се подзаборава на овие актерски имиња, но тоа се менува со копродукциите – рече Теодосиевска.

Сподели