Ќе ги запознаете: виетнамскиот обичај со кој преку играта со кукли на вода, луѓето ѝ се заблагодаруваат на водата, јапонската вековна традиција на нарација со пеење, вели Љубица Велкова
Пишува: Александра Јуруковска
Кукли и изведби со кукли запишани на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на човештвото, кукли – национален белег на одредени земји, се застапени во книгата „Светот на кукларството“ која денеска во 12 часот ќе биде промовирана во Кинотеката на Македонија. Книгата за најпознатите кукли прогласени за светско културно наследство е авторски проект на Љубица Велкова, со илустрации на Наташа Андонова. Тие велат дека идејата на „Светот на кукларство“ е да понуди место во кое ќе се сместите удобно како во театрско столче и ќе дозволите претставата да ве понесе.

– Идејата за ваква публикација наменета за помладата публика и за нивните родители, а се појави како резултат на мојот повеќегодишен интерес за историјата на кукларството. Секако, на тоа влијаеше и моето долгогодишно искуство во Театарот за деца и младинци како директен учесник во реализацијата на куклените претстави. Но, најмногу од сѐ поради потребата да се запознае младата публика со една гранка од театарската уметност која со години е запоставена кај нас – вели Велкова.
Во публикацијата се претставени кукли и изведби со кукли кои се запишани на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на човештвото, како и кукли кои се национален белег на одредени земји.
– На тој начин се запознаваме со историската појава на секоја кукла одделно, со процесот и вештините за нивна изработка, како и со техниката со која се анимираат куклите и сето тоа надополнето со креативните, филигрански изработени илустрации на Наташа Андонова – објаснува Велкова.

Љубица Велкова
Токму куклата како уметничка форма која е сродна со сликарството и со вајарството ги споила интересите на двете авторки – Велкова, како историчар на уметноста и на Андонова, како ликовен уметник.
– Оттаму се разви еден прекрасен процес во кој и двете уживавме. Покрај историската точност на куклите се истражуваа и традициите и обичаите на народите поврзани со дадените кукли. Така ќе ги запознаете: виетнамскиот обичај со кој преку играта со кукли на вода, луѓето ѝ се заблагодаруваат на водата, јапонската вековна традиција на нарација со пеење, кинеските марионети и рачни кукли со нивните надреалистични можности да ги претстават митовите и легендите на кинескиот народ, како и европските роднини Пулчинела, Панч, Каспер, Петрушка и други со нивната вековна истрајност во победата на доброто над лошото – објаснува Велкова.

Соработката меѓу двете авторки започнала пред две децении, токму со една куклена претстава – „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски во Театрот за деца и младинци. Тогаш двете биле дел од тимот на еминентниот костимограф и етнолог проф. д-р Ѓорѓи Здравев. Во една таква атмосфера на креативност и елан каква што ја имал тимот на Театарот за деца и младинци, сплотеност, доверба и несебичност од сите автори, актери и креативци (скулпоторот и кукларот Кирил Василев), започнало нивното дружење и професионално растење, се сеќава илустраторката Андонова.

Наташа Андонова
Според неа, во „Светот на кукларството“, изборот на илустрацијата како медиум, наместо фоторгафија, бил поради надоврзувањето на ликовното со традицијата на кукларството.
– Секоја кукла настанува од цртеж, скица, па се оформува во тродимензионална или дводимензионалана форма. Процесот на работа беше непрекинат, со постојани консултации за изборот на изворот, предлошката за илустрацијата. Не случајно медиумот е акварел на хартија. Во инетрпретацијата на приказот на поединечните кукли се држев до фотографскиот извор (или изворна илустрација од годината на настанок на куклите), поради зачувување на природата и точноста на формата. Онаму каде што се прикажани сценските изведби и театрските поставки, внесов повеќе слободна интерпретација во однос на фотографијата. Тоа и беше предизвикот – да се илустрира истовремено прецизно и да има спонтаност во потегот, да има живост – вели Андонова.
Книгата финансиски е поддржана од Министерството за култура.





