Во Маврово денеска ќе се одржи традиционалната хронометар велосипедска трка „Халк вело грин“, која веќе шеста година по ред ја организира Халкбанк во рамките на својата еко платформа – ХалкЕко. Со цел непречено и безбедно одвивање на трката, сообраќајот ќе биде затворен на патниот правец од хотелот „Спорт“ до Леуново во двете насоки, во периодот од 09:00 до 16:30 часот. Почетокот на трката е закажан за 10 часот, а стартната и целната позиција ќе биде паркингот пред хотел „Спорт“.
Како и секоја година, така и сега, настанот ќе ги обедини љубителите на велосипедизмот, од најмалите учесници, преку рекреативците, до професионалните натпреварувачи. Средствата од котизациите традиционално се наменуваат за пошумување, а така ќе биде и овојпат. На тој начин, спортскиот настан „Халк вело грин“ останува верен на својата екомисија и претставува пример како спортот и општествената одговорност можат да одат рака под рака.
„Халк вело грин“ не е само спортски предизвик, туку и вистински празник на спортот, природата и дружењето. Покрај возбудливите натпревари, во текот на целиот ден учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во свежиот воздух, убавините на Националниот парк Маврово и во атмосфера исполнета со позитивна енергија. За сите гости, поддржувачи и пријатели на велосипедистите е подготвена и забавна програма со Викса, ди-џеј Oky Doky, Jojo’s BBQ и маскотата на Халкбанк – Халки, кои што ќе ја направат манифестацијата уште поубава и незаборавна.





