Марвин Дилман е виртуоз на диџериду, а музиката на Есма му е во душата 

Среќен сум што сум дел од кампањата „Една песна, една Европа“ (One Song, One Europe) и што можам да соработувам и да свирам со сите овие одлични музичари. Главната поента е да се поврземе меѓусебно преку музика на убав и лесен начин – вели виртуозот на абориџинскиот инструмент диџериду. 

Марвин Дилман од Германија го сретнавме во Филхармонијата каде што заедно со уште 11-мина негови колеги деновиве гостуваше за заеднички да снимат своја верзија на вечната „Ода на радоста“ од Бетовен. Неговото гостување беше дел од кампањата One Song, One Europe, што се спроведува во рамки на иницијативата WeBalkans на Европската Унија.

Марвин е виртуоз на инструментот диџериду, има многу соработки со џез, класични и музичари што се занимаваат со електронска музика. Тој е меѓународно признат интерпретатор на диџериду, познато по неговиот рззновитен ритмички моќен стил што го прави овој традиционален инструмент да биде свеж. Во изминатите 25 години тој настапува по цел свет, и како солист и во соработки. Тој е член на ансамблот „Наја“.

Како овој инструмент стана Ваш избор?

– Мојата баба живее во Австралија. Во 1995 година го имав првиот контакт со овој инструмент. Неговото потекло е од културата на абориџинскиот народ. Тогаш прв пат слушнав Абориџини човек како свири за туристите, баба ми ми рече да седнам блиску до музичарот и тогаш тој ми покажа како се произведува звук. Тоа беше клучен момент за мене.

Го свиритте 30 години. Од кого научивте?

– Главно сам се учев, слушав цедеа и имав мала книга за креирање на првите звуци. Учев и од други музичари и инструменти.

Луѓето дали прашуваат за каков инструмент станува збор? Како реагираат?

– Нормално, има многу прашања за инструментите, како се произведува звук. Но, луѓето и многу се поврзуваат со инструментот, поради неговиот продорен звук. Како да слушате звуци, музика од сите човечки суштества. Звук што сите нè потсетува на корењата. Затоа што на крајот на денот, и по илјадници години, сите ние сме автохтони луѓе.

Што ви значи овој проект, оваа можност да свирите со луѓе од различни земји?

– Јас сум многу среќен и благодарен што можам да бидам дел од овој проект. Ова ми е прв пат да сум на Балканот. И среќен сум што можам да соработувам и да свирам со сите овие одлични музичари. Ова е многу добра можност и главната поента е да се поврземе меѓусебно преку музика на убав и лесен начин. Преку музика ние сме отворени и таа може да ни ги смени срцата. Музиката ги стимулира нашите емоции.

Дали ја познавате македонската музика?

– Секогаш ме интересирале различни видови музика. Мојата мајка е од ромско семејство и поврзан сум со ромската култура. За мене е многу импресивна музиката на Есма Реџепова, Шабан Бајрамовиќ, секогаш ме импресионирала балканската ромска музика. И претходно сум знаел многу балканска музика, ама друго е кога овде ја слушнав на едно место. Многу сум возбуден за овој проект и за можноста да бидам тука.

Сподели