Збирката „Стражари на ноќта“ на Марија Митева е најновото дело во македонската книжевност посветено на нејзиното височество – ноќта
Пишува: Наташа Атанасова, Блен.мк
Кои ви се првите асоцијации кога ќе помислите на ноќта? Веројатно ќе се сетите на несониците во ситните саати од возбуда или стрес, можеби ќе ви заѕвонат стиховите на Пети Смит дека ноќта им припаѓа на љубовниците или ќе ви излезе пред очи ѕвезденото небо на Ван Гог. Тука е и песната „Ја чувам ноќта од будните“ на „Леб и сол“, која пак, нè води кон збирката „Стражари на ноќта“ на Марија Митева – најновото дело во македонската книжевност посветено на нејзиното височество, ноќта, пишува Наташа Атанасова во интервјуто со Митева објавено на Блен.мк.
Оваа необична мултимедијална збирка, во форма на папка со 24 илустрирани песни во А4 формат подготвени за врамување во исто време е и контемплативно-медитативна поезија за ноќта, и слатко-горко преиспитување на мракот што ни паѓа пред очи од времето и местото во коешто живееме, и игрива критика на нашето неизбежно урбано секојдневие. Оваа збирка е и повод за овој муабет со нејзината авторка.
Помина повеќе од еден месец од објавувањето и промоцијата на „Стражари на ноќта“. Еурофијата можеби спласна, но дали Ви спласна и возбудата? Патува ли поезијата, стигнуваат ли нови впечатоци?
– Еуфоријата спласна, но дури сега успевам делче по делче да ја составам сликата од изложбената промоција во мојата глава. Сѐ уште дознавам за нови моменти поврзани со поезијата, со илустрациите и со настанот. Секој стих кој луѓето го одделуваат за да го споделат, секој наслов, секоја илустрација се чува во посебна фиока во мене. Сите коментари ми значат, но мислам дека најмногу ме допреа оние на учениците кои ги читале омилените песни во училиште и ги споделувале на социјалните мрежи. Полно срце!
Ова дело, всушност Ваша прва збирка поезија, наместо меѓу корици решивте да го сместите во папка. И сега поезијата не само што може да се чита, туку може и да биде присутна дома секој ден. Од каде идејата за оваа „изложбена поезија“, која така и беше промовирана, со изложба?
– Отсекогаш на уметноста сум гледала како на една интегрална целина, отсекогаш ме привлекувале хибридните форми, точките во кои се спојуваат различни канали на уметноста. Така и размислувам, често си задавам предизвици, текстовите детално да ги визуализирам во глава, на фотографијата да ù додадам музика која ќе ù даде некое друго значење, на музиката да ù додадам движење. И оттаму идејата за изложбена поезија, љубопитна бев како овие песни би се изразиле во друг уметнички формат и многу поважно дали овие прашања кои мене ме засегаат ги допираат и современите уметници? За крајниот формат на 24-те илустрирани песни размислував практично, сметајќи дека постери во папка ќе биде наједноставен начин за споделување, подарување и врамување. А тоа пак значи дека збирката останува „жива“ со можности сами да ја прередувате, допишувате и доцртувате.
Целото интервју на Блен.мк
Фото: Огнен Ацевски





