Заменете го телефонот со книга: 5 суперпредлози на наставничката Магдалена Поповска

„Колку време седите на телефон, толку време да поминувате во читање!“ Како ви се чини? Идејата ја предлага Магдалена Поповска, наставничка по француски јазик од основното училиштe „Ванчо Китанов“ од Пехчевo.

– Ова не е само порака до учениците, туку и до родителите. Да, да истото да важи и за восрасните по дома. Без разлика што вашите деца се способни сами да читаат, читајте одвреме-навреме заедно, дискутирајте за книги. Така ќе видите како вашето дете размислува, ќе учите заеднички, заеднички ќе одговарате на прашања – вели таа и дава неколку интересни предлози за зимскиот распуст.

Магадалена Поповска

Ова се нејзините предлози:

„Сакам дома!“ – Јасминка Петровиќ

Кратка и лесна за читање. Верувам дека учениците веднаш ќе се препознаат. Книга во која се остварува сонот на секое дете: нема возрасни, нема правила, нема обврски, ама нема ни привилегии. Книга во која сфаќаме дека слободата е важна, ама дека има и граници.

Деца, појдете со Никола во потрага по совршените родители. Ве очекуваат комични, всушност, космички авантури, преполни со мали чуда, џиновски солзи, смешни зборови и опасни игри.

Предупредување:

– Кај искусните читатели може да се јави желба книгата да се прочита уште еднаш.
– Кај читателите-почетници можна е појава на самостојно читање.
– Што ќе се случи со оние што не знаат да читаат не вреди да се пишува, затоа што нема да можат да прочитаат

„Левораката дама“ – Ненси Спрингер

За малку мистерија во вашиот зимски распуст ја препорачувам „Левораката дама“. Можеби не толку за приказната, ами како добра историска лекција за тоа како биле третирани девојките и жените во 19 век, во Англија. Преку ликот на Енола Холмс, сестра на познатиот детектив, Шерлок Холмс, ние ги преживуваме настаните од тој период, гледаме како Енола размислува, какви се нејзините сништа, што сака и сето тоа заплеткано во мистериозен случај што Енола треба да го реши.

„Левораката дама“ е втората книга од серијалот „Мистериозните случаи на Енола Холмс“ од веќе признаената авторка Ненси Спрингер – совршена приказна за вљубениците во Шерлок Холмс, детективската фикција и мистеријата.

Енола Холмс е во бегство! Зад петиците ù е, ни помалку ни повеќе, туку нејзиниот постар брат, Шерлок Холмс. Сепак, додека се обидува да му измолкне на легендарниот детектив – во најголемиот, најмрачниот и највалканиот град на светот – таа ги открива неочекуваните цртежи на Леди Сесили, што ù оставаат силен впечаток. Но, Леди Сесили е исчезната без трага. Храбро трагајќи по левораката дама низ темните улици на Лондон, Енола ризикува повеќе од што треба. Ги ризикува сопствениот идентитет и сопствениот живот, во случај многу покомплексен од обично исчезнување на една леворака дама.

„Тајната градина“ – Френсис Хоџсон Бурнет

Книга со интересни ликови ликови и волшебни сцени, перфектна за ладните зимски денови. Книгата не само што го истакнува важното значење на природата, туку ја истакнува и важноста на самодовербата. Преку мистериозната тајна градина, авторката ги наведува читателите да се впуштат во еден волшебен свет и да размислуваат за силата на позитивната промена.

Останата без родители и испратена да ивее со нејзиниот вујко, Мери Ленокс е осамено и несреќно дете. Запознавањето со Дикон, кој многу брзо ќе стане нејзин најдобар пријател, е почеток на незаборавната авантура. Преку ова пријателство и комуникацијата со нејзиниот хипохондричен братучед Колин, Мери започнува да учи за себе си. Нивните животи сосем се менуваат откако Мери ќе ја пронајде вратата што води во мистериозната тајна градина. „Тајната градина“ е еден од најпопуларните романи на Бурнет, и се смета за класик во британската литература. Романот повеќепати е адаптиран за филм и театар.

„Ен од Зелената фарма“ – Луси Мод Монтгомери

Книга што ќе ве насмее и ќе ви го стопли срцето. Ако сакате да ги почувствувате наивноста и убавините на детството, тогаш ова е книга за вас. Ќе заборавите на телефоните и интернетот и ќе направи да се чувствувате мирно и спокојно. Вистински избор за убав зимски распуст.

Единаесетгодишната Ен Ширли никогаш немала вистински дом. По смртта на нејзините родители, постојано ја шетаат во разни згрижувачки домови и сиропиталишта. Кога по грешка ќе ја испратат да живее со Метју и Марила Катберт на големата Зелена фарма, сака засекогаш да остане таму. Но, Ен не е јадрото момче кое го очекуваа Метју и Марила.

Таа е палаво, зборлесто црвенокосо девојче со жесток темперамент, кое постојано запаѓа од една неволја во друга. Катбертови се согласни дека Ен е сосема поразлична од сите; таа е посебна, девојче со бујна фантазија. Сè што сакала во животот е да припаѓа некаде. И колку подолго останува на Зелената фарма, толку им е потешко на сите да си го замислат животот без неа.

„Невидлив“ – Елој Морено

Кратка книга што брзо се чита. Ја препорачувам и за млади, и за возрасни, посебно за сите што работат со тинејџери. Книга што според мене треба да биде задолжителна лектира во училиштата. Ќе ви го скрши срцето на парчиња и нема да ве остави рамнодушни.

Приказна за едно дете кое, раководејќи се од најлошиот советник – стравот, посакува да има супермоќи како суперхероите од стриповите што ги чита. Го прави тоа за да се спаси од насилството што го трпи од соучениците. Посакува да стане невидливо, како механизам за бегство, за заштита од суровата реалност што го опкружува, без да биде свесно дека всушност страда. Детето не добива помош од никој, бидејќи е невидливо за сите оние што гледаат што се случува но претпочитаат да не видат, за сите што не сакаат да гледаат и ја вртат главата настрана, и за сите што гледаат но се плашат или едноставно мислат дека тоа не е нивен проблем. Како што вели и самиот автор: „Никој не е невидлив ако другите не му помогнат да биде невидлив“.

Невидлив е приказна раскажана низ призмата на насилникот и жртвата, неговата симпатија и пријателите, родителите и наставниците, и поучна за сите што ќе ја прочитаат.

Сподели