Маратонецот Александар Илиевски најави подвиг – ќе се обиде да исплива 71 км во Охридското Езеро

Mаратонскиот пливач Александар Илиевски на 2 Август, големиот празник на македонскиот народ, во раните утрински часови ќе се обиде да направи подвиг – да го преплива Охридското Езеро на релација Охрид-Св.Наум-Подградец (Албанија)-Струга-Охрид во должина од 71 км. Ова е негов дамнешен сон.

– Ова беше и желба на мојот прв спонзор „Кенди“. Сопственикот Славе Андев, кој пред две години прерано почина, веруваше во мене дека можам да се обидам да направам ваков подвиг. Лани заради пандемијата не успеав да се подготовам, но годинава мислам дека сум спремен да го направам – изјави Илиевски.

Најголем испливан маратон за Илиевски досега е тој во Аргентина од Светската ФИНА Гран-при серија во 2014 година, каде исплива 88 км за 9 часа и 50 минути и го освои 5. место.

– Но, олеснителна околност таму беше што се пливаше во река, за разлика од сега каде подвигот го правам во езерот и условите се малку поотежнати – вели Илиевски.

Во консултација со неговиот тренер, Томи Стефановски, наместо во 2020 година, одлучиле сепак подвигот да се случи годинава, со оглед на тоа дека имаше услови да се подготви. Илиевски се надева дека ќе успее да ја исплива патеката. Освен од Стефановски, кој го има препливано каналот Ла Манш и има постигнато време меѓу првите десет пливачи во светот што успеале во тој подвиг, има поддршка и од неговите родители, од семејството Андеви, општината Гази Баба и градоначалникот Борис Георгиевски, Агенцијата за млади и спорт и директорот Наумче Мојсоски, кој му овозможил подготовките во Охрид да ги реализира во хотелот „Десарет“.

– Се надевам дека ова ќе биде поттик за идните генерации да направат нешто вакво. Не мора да е тоа само на Охридското Езеро, туку и на другите убави езера во нашата преубава Македонија – вели Илиевски.

Сподели