Техничко-технолошка контузија на современата еволуција на човекот

Проблемот кој загрижува е како таа дигализирана глобализација влијае врз животот на друштвото, како креира и создава ментален склоп согласно стандарди кои се однапред определени и одредени и имаат соодветна цел

Пишува: Даниел Ѓорѓевски

Процесот на глобализација, сајбер-револуција сè позабележително предизвикува нагла промена на глобалната перцепција во современото општество поместувајќи ги границите за разликите помеѓу луѓето и машините. Дигитализацијата на секојдневниот живот нè потсетува на фактот дека идентитот и моќта не може да се препишат само на поединец или на машина, напротив, тие се резултат на интеракција во рамки на систем во кој секој елемент има определен степен на влијание.

Современието јасно го покажува ефектот на дигиталните технологии кој се формира преку практики кои континуирано се повторуваат во секојдневието и стануваат вообичаени социјални односи кои прераснуваат во систем на однесувања кои се сеприсутни-интегрирани во општествениот живот до тој степен што стануваат невидливи, дури може да се наречат и природни, нешто што го правиме вообичаено во секојдневниот живот што може да се окарактеризира како дигитализација на глобализацијата.

Станува збор за процес кој е започнат многу одамна и не е новина. Проблемот кој загрижува е како таа дигализирана глобализација влијае врз животот на друштвото, како креира и создава ментален склоп согласно стандарди кои се однапред определени и одредени и имаат соодветна цел – медијатизација која како процес спроведен преку медиумите сè повеќе ги заситува потребите за потрага по податоци на сметка на кратки информации кои лесно стигнуваат до корисниците и стануваат нивно секојдневие, едноставен начин да се дознае и види што било и така „тие информации“ стануваат „дел од самата структура“ на општеството и културата.

Главниот проблем со кој се соочуваме тука е автентичноста на информациите до кои доаѓа глобалната маса преку социјалните медиуми и, како и зошто се пуштени во оптек. Друг момент кој загрижува е како примателите на тие информации не ја согледуваат инхерентноста на организационите форми-информатори кои јасно укажуваат на фундаментална интеракција (момент кој го социологијата се нарекува СОЦИЈАЛЕН МОНИТОРИНГ) која резултира со последици за тоа како се поврзуваме едни со други и размислуваме за општеството. Оттука, ако го земеме македонското општество за пример како социјалните медиуми го обликуваат социјалниот живот и културните вредности кои го формираат менталниот склоп, веднаш се соочуваме со момент во кој социјалната мобилизација е извор на дестабилизација и раздвојување на јавниот дискурс.

Воочливо е дека не мора да се одреди карактерот на македонското општество бидејќи веќе е јасно дека сатурацијата ја одржува на политичките апарати за дишење, социјалните медиуми дополнително го олеснуваат децениски политизираниот процес на секој апсект на делување бидејќи спроведувањето на персонализиран вид на информации кои ги кординираат луѓето несвесно да стануваат механизам на т.н. колективна интелегенција во која примаат информации онолку колку што до нив се испратени, а до нив стигнува генерирана содржина која ја споделуваат меѓусебно бидејќи сметаат дека „произведуваат колективни добра“ е сè полесен, процес кој кај нас добива сè поголема дифузност која свесно или несвесно предизвикува разор помеѓу различностите, било да се од политички, религиски, национален карактер.

Сè почесто на сајбер-платформите среќаваме националистички, религиски, сексистички булинг директно поврзан со политиката, резултат на леснотијата при објавувањето и достапноста на информациите, а ако на тоа се додаде фактот дека содржината на информациите се повеќе визуелни од кога било досега, обезбедуваат мултимедијални содржини, нивното влијание врз луѓето кои се базираат на ваквиот вид на информации е апсолутно ефикасно.

Тука треба да се запрашаме како и зошто ваквиот вид на информации имаат влијание, дали е резултат на политичката култура, степенот на развој на друштвото, поле на интереси, или пак е резултат на т.н. колективна интелегенција која човекот го прави сè помрзлив и го заслепува?

Емпириски следено може да заклучиме дека колективната интелегенција е значаен извор на политичка моќ или можеби манипулација која има влијание врз луѓето со пониско ниво на информации за специфични прашања и проблеми, група која кај нас за жал опфаќа сè поголем број бидејќи циркулацијата на „информации“ со одреден карактер го зголемува политичкиот ангажман на широката маса, социјалните медиуми кои се лесно достапни се еден од главните механизми за „спротиставени аргументи“ на различни политички идеи, идеали, тврдења кои кај нас за жал се манифестирани преку говор на омраза кој поради карактерот на механизираното секојдневие преоѓаат во ритуални практики кои еволуираат во меѓуетничка, политичка, религиска нетолеранција во која различностите наместо да учат едни за други се повеќе се раздвојуваат и културно се одминуваат.

Дали „Знаењето за незнаењето“ на Сократ е клучен фактор за последиците со кои се соочуваме? Дали незнаењето го трансформираме во знаење преку лесно достапни информации со однапред смислена содржина на информации со определена цел? Јас го знам одговорот, а вие?

Насловна фотографија: Pixabay

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

 

Сподели