„Мали проблематични девојки“ на Уршка Ѓукиќ е најдобар медитерански филм на „Преку езерото“

Најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ е прогласен „Мали проблематични девојки“ на словенечката режисерка Уршка Ѓукиќ. Наградата се доделува за „автентичното прикажување на тинејџерското растење и созревање преку откривањето на сексуалноста. Станува збор за длабоко и сензуално деби кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија меѓу детството и животот на возрасните.“ За својот креативен процес на откривање на самиот живот, храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста, преку автентично раскажување кое ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин, словенечката режисерка ја доби наградата за најдобра режија.

За наградите на фестивалот одлучи жирито во состав: Христос Пасалис (актер и режисер од Грција), Игор Анѓелков, филмски критичар и Теодосија Добријанова (бугарска режисерка и продуцентка).

Официјалната селекција содржеше пет филмови кои доаѓаат од земји кои се дел од медитеранскиот басен, додека селекцијата на краткометражни остварувања содржеше петнаесет наслови.

Во категоријата „Најдобар краток филм“ беа доделени две рамноправни награди – за „Бланш“ во режија на Јоана Ракотариса и „Детето со бела кожа“ во режија на Сајмон Панај.

„Бланш“ е награден за сложеното и срдечно филмско раскажување, за нежното прикажување на семејните врски и суптилниот пристап кон сложени теми како расната дискриминација и малтретирањето, за фасцинантните изведби на двете млади главни ликови, Луна Робин како Заза и Лоиција Даненхофер како Ана, чија кариера сигурно ќе ја следиме и во иднина.

„Детето со бела кожа“ е филм кој е и политички и поетски на многу автентичен начин. Филм кој нè изненади со својата оригиналност и атмосфера. За само петнаесет минути, успева да нè потопи во подземен свет исполнет со надеж и очај – свет кој е истовремено сонлив и сурово реален.

Наградата за најдобра актерка ја доби Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона во филмот „Помеѓу боговите“ на српскиот режисер Вук Ршумовиќ. Делејќи го истото име со протагонистката, Хосеини отелотворува млада жена сместена во незамисливи услови, која одбива да биде сведена на стереотипи и очекувања за тоа како треба да се однесува еден бегалец, сопруга или жена, и инсистира, за прв пат во својот живот, да биде сослушана. Без разлика дали во гласните, драматични сцени, каде што нејзиниот глас често се крева во очаен обид да се чуе, или во тивките, срцепарателни крупни планови каде што нејзиниот внатрешен свет е екстернализиран со најсуптилните изрази на лицето, Хосеини владее со екранот и го воздигнува филмот на начин што ни оневозможува да замислиме поинаква актерка на нејзино место.

Наградата за најдобар актер му припадна на Акилас Каразисис за улогата на Такис во грчкиот филм „Месо“, кој со прецизност, внатрешна длабочина и избегнување на клишеата оживува лик полн со противречности, преговарајќи со нашите очекувања што треба да прави еден херој или негативец, балансирајќи со финеси помеѓу внатрешните и надворешните сили што го притискаат.

Наградата за најдобра музика ја доби „Секаде, секогаш“ на Милад Тангшир, кој ја користи музиката не како позадина или атмосфера, туку како лик во наративот. Како секогаш присутен ентитет, нотите на музиката го следат протагонистот низ улиците на Торино, истовремено исполнувајќи ја сликата со носталгија, убавина и тага. Овој филм ја доби и специјално признание.

Сподели