Единаесетмина визуелни уметници од земјава, регионот и од Европа од денеска до 18 август ќе престојуваат во Галичник, ќе се дружат, ќе создаваат уметност и културни мостови
Како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации? Ова се дел од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои се инспирација за темата на годинашното 36. издание на Ликовната колонија „Галичник“. Единаесетмина визуелни уметници од земјава, регионот и од Европа од денеска до 18 август ќе престојуваат во Галичник, ќе се дружат, ќе создаваат уметност и културни мостови.
– Тие ќе ја истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти – вели д-р Ана Франговска, историчарка на уметност и уметничка директорка на колонијата.

Ана Франговска
Темата на колонијата е „Постмеморија – одек на тишината“, а ќе учествуваат: Никола Радосављевиќ и Дејан Крстиќ од Србија, Красимир Терзиев и Калина Димитрова од Бугарија, Далиа Белосиноф од Грција, Мариа Анвандер и Клара Вит од Австрија, Ренеа Беголи од Косово, Лука Соудан од Холандија, Иванчо Талевски и Ана В’чкова од Македонија.
Каде е смислата на организирање ликовна колонија – уметнички собир чија суштина е високоцивилизациска, во време на сè позавојуван свет, хумани и еколошки катастрофи и страдања непоимливи за 21 век. Според Франговска, токму во вакви времиња уметноста станува не само творечки чин, туку и чин на отпор и сведоштво за човечноста.
– Ликовната колонија, иако на прв поглед може да изгледа како привилегија или „луксуз“, во вакви услови е токму спротивното – таа е место за лекување на раните, за создавање дијалог и за потсетување дека постои јазик кој сите го разбираме без превод: јазикот на визуелната поетика.
Колонијата станува културна лабораторија каде уметниците од различни земји и контексти се среќаваат за да создадат дела кои ја носат тежината и на сегашноста и на иднината. Во таа смисла, организирањето на ваков собир денес е чин на упорност – одбрана на високите цивилизациски вредности, на креативниот дух и на вербата дека преку културата можеме да градиме поотпорни и похумани заедници – објаснива Франговска.

Дело од Лука Соудант
Еден подолг период организирањето вакви собири беше исклучиво тешко, непрепознаено од државата, уште помалку од бизнис-секторот. Голем дел од ликовните колонии згаснаа. На прашањето каква е состојбата денес, дали сè уште има борба со ветерници, Франговска вели:
– Ветерниците постојат и денес – тие се во вид на бирократски пречки, недоволна финансиска стабилност и понекогаш ограничена свест за тоа што значи културна инвестиција. Но, со текот на годините, државата и институциите почнаа да ја увидуваат уникатноста на оваа ликовна резиденција, која веќе долга низа години успева да го одржи, па дури и да го продлабочи истиот висок стандард во секој сегмент – од внимателниот избор на уметници, преку издржаната и релевантна тематска насока, до структурираната и професионална организација – вели Франговска.
Според неа, токму таа конзистентност е доказ дека ова не е проект што се потпира на моментен ентузијазам, туку на визија, искуство и јасна стратегија.
– Затоа, иако борбата за поддршка никогаш целосно не престанува, денес постои поголема свест дека оваа колонија е културен бренд со сопствен идентитет и со вредност која ја надминува локалната рамка. А можеби и добро е што „ветерниците“ не исчезнале целосно – без нив би влегле во комфорна зона, а токму предизвиците нè држат будни, мотивирани и постојано насочени кон нови подобрувања и креативни надминувања – децидна е таа.

Дело од Красимир Терзиев
Франговска додава дека токму во нелогични времиња логиката на уметноста станува најјасна – таа гради мостови каде што другите градат ѕидови. Ликовната колонија е место каде творците не се само автори, туку и сведоци, соговорници, пријатели. Тука се создава заедничко ткаење од идеи, емоции и инспирации, кое останува и по завршувањето на настанот.
– Овие форми на соработка имаат двојна вредност – уметничка и човечка. Уметничката, затоа што создаваат дела што остануваат во културниот фонд на општеството; човечката, затоа што потсетуваат дека преку креативноста можеме да најдеме заеднички јазик и во најподелени времиња. Во време кога светот често нè учи да се оддалечуваме едни од други, колонијата е место што нè зближува – завршува Франговска.
Делата создадени Галичката колонија 2025, заедно со тие создадени лани ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември во „Мала станица“ во Скопје. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог, кој ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите. Ликовната колонија ја поддржуваат: Министерството за култура и туризам, Австриската амбасада во Скопје, Бугарскиот културен центар во Скопје, Casinos Austria, Пивара Скопје; Месна заедница Галичник и голем број пријатели на колонијата.





