Македонските села низ цртежите на Панде Петровски во КИЦ

Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи „Срце куќа најширока (мотиви од нашите села)“ од Панде Петровски. Ќе бидат изложени повеќе од 60 цртежи со мотиви од нашите села.

Панде Петровски е роден во 1939 година во Брусник, Битола. 1963 година завршил Педагошка академија. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметници на Битола ), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработувал со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам.

Од основањето во 2005 година учествувал и ја раководи како координатор ликовната колонија Де Ниро – Битола, а учествувал и на уште дваесетина други меѓународни ликовни колонии во Македонија (Велес, Нижополе, Кавадарци, Дојран, Гевгелија, Струга, Дрен, Белчишта), а исто така и во Србија, Црна Гора, Албанија, Грција и Романија.

Со создадените неколку илјади ликовни дела, започнувајќи од 1959 година кога ја отвора првата самостојна изложба во Клубот на резервните офицери (Широк сокак – 137), досега има отворено над 30 индивидуални изложби во Македонија (Битола, Кавадарци, Охрид, Скопје), а исто така и во Србија, Шведска и Австралија. Со свои дела учествувал и на над стотина колективни изложби во Македонија, Бугарија и Турција.

Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 25 јули.

Сподели