Македонскиот павилјон на 19. Венециското биенале на архитектура е прогласен е за еден од десетте најдобри павилјони „кои не смеете да ги пропуштите“, според магазинот „Артрибун“. Проектот „Страда бруталисима“ на архитектите Благоја Бајковски, Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ-Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски е под кураторство на Благоја Бајковски, а комесари се Маја Неделкоска-Брзанова и Фросина Зафировска, организиран од Националната галерија на Македонија.
За македонскиот павилјон „Артрибун“ напиша:
„Скопје, 1963 година: земјотрес со јачина од 6,1 степени по Рихтер однесе илјадници животи, предизвикувајќи големи штети. Процесот на реконструкција од бруталистичко потекло, го промени ликот на главниот град, редизајнирајќи го неговиот идентитет и влијаејќи врз следните генерации дизајнери во земјата. ,Многу брутален‘ и монохроматски, павилјонот поминува своевиден,концептуален пат на знаењето‘, во кој десет избрани проекти се соочуваат еден со друг и,разменуваат‘ информации.“
Интернационална изложба на архитектурата е во рамките на Венециското биенале кое ќе биде отворено до 23 ноември годинава.





