Како меѓународната соработка ги крева стандардите и во македонската музеологија

Со какво искуство се вратија кураторите од Музејот на современата уметност во Скопје кои ја подготвуваа изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ што неодамна беше отворена во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана

Професија куратор. Клучна за секоја изложба, за нејзиниот концепт, за идејата која раскажува силна приказна преку уметничките дела, без оглед дали се од еден или од група автори. Публиката најчесто не ја гледа оваа заднинска професија која е клучна за секоја изложба. Зошто е важна и со какво искуство се вратија кураторите од Музејот на современата уметност во Скопје кои ја подготвуваа изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ што неодамна беше отворена во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана и ќе трае 10 месеци? На поставката работеа петмина куратори, четворица од Македонија (Ивана Васева, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец) и Бојана Пишкур од Словенија.

Според Ива Димовски, заедничката кураторска работа има повеќе предности. Преку различните перспективи и истражувања на кураторите се збогатува концептот на заедничката работа.
– Тимската работа има секогаш разни идеи и решенија и преку тоа работата се распоредува и го намалува товарот на еден куратор, и со тоа има поголема ефективност. И секако во иднина треба да ги продолжиме интернационалните соработки со разни институции и куратори – вели таа.

Владимир Јанчевски вели дека работата во кураторски тим нуди повеќедимензионална перспектива, особено кога се вклучени куратори од различни културни контексти.

– Особено меѓуинституционалната соработката овозможува размена на знаења и искуства, но и отворање на нов поглед кон темите што ги обработувавме. Секој со својот специфичен пристап, сензибилитет и интереси, придонесува за поразновиден, подлабок и концептуално поиздржан проект. Заедничката работа значи и постојан дијалог, преиспитување на сопствените позиции и колективно градење на изложбениот наратив што е фокусиран на дијалог на колекциите, што ù дава на изложбата поголем опфат и со тоа поголема релевантност – објаснува Јанчевски.

Како помина отворањето, какви се навиките на словенечката публика…

„Кога ќе ја отворите влезната врата на Музејот на современа уметност Метелкова ве очекува пријатната, повикувачка и топла атмосфера на институција направена по големина на човек, да не претерам велејќи прегрнувачка, во која постојано се преплетуваат повеќе изложби и која е прибежиште на многу љубопитни посетители“, раскажува Васева.

Изложбата беше отворена на 24 април, но нашиот тим пристигна во Љубљана неколку дена порано за да ги постави делата.

– И додека ја поставувавме изложбата, постојано се сретнуваме со најразлични погледи на луѓе кои „налетале“ на просторот наменет за „Ткаење светови“. Тие се интересираа за она што наскоро ќе биде презентирано, сосема разликувајќи се од концептот на ладниот и пасивен храм на уметноста кој долго време беше во центарот на западната уметничка мисла. Отворањето помина во таква пријатна и топла атмосфера и всушност целиот процес на работа беше во духот на соработката, отвореноста, желбата за создавање нешто заедно. Но, она што е навистина важно да се потенцира е дека социјалниот момент се креира постојано и секојдневно, не е концентриран само на отворањето на изложбата и дека критичкиот дух се формира во целото нејзино времетраење. Засега слушаме добри критики, имавме неколку интервјуа во тамошните медиуми и навистина сме заинтересирани да слушнеме што мисли публиката за една сосема нетипично поставена и конципирана изложба во музеј посветен на современата уметност. Со оваа изложба на некој начин имавме желба да ги предизвикаме денешните востановени стандарди на поставување со тематика која сега е многу присутна, но долго време критички непрепознаена, и тоа токму преку дела од колекција кои нашироко говорат за етичката релационалност со сите форми на живот која конституира мрежи на интерконекција – објаснува Васева.

Зошто се важни соработките со странство?

Изложбата во Љубљана ќе биде отворена 10 месеци. Според Јанчевски, соработките со сродни институции од странство се важни зашто овозможуваат квалитативна размена на идеи, преиспитување и надградба и можност за презентирање на колекцијата на МСУ како простор за отворање на низа релевантни прашања што се однесуваат на интерпретацијата на делата, новите кураторски практики и поврзувањето низ структури што се градат заеднички.

– Оваа конкретна соработка со МГ+МСУМ, која годинава се реализира преку две изложби — изложбата „Ткаење светови“, која ја отворивме во Љубљана, и таа што ќе следува во ноември во МСУ-Скопје, ни овозможува да направиме нешто повеќе од обична реципрочна размена. Се фокусиравме на комплементарноста и надополнувањето на колекциите: ние носиме во Љубљана дела што се специфични за нашето поднебје и од некои неевропски земји, а за возврат ќе донесеме внимателно избрани дела од нивните колекции, кои недостасуваат во нашата, но се исклучително значајни за развојот на современата уметност – вели тој.

Васева се надоврзува дека исклучително се важни соработките меѓу институциите чија визија е заедничко градење на егалитарни деколонијални наративи и формирање на нехиерархиски врски на грижа, размена и заедничко растење.

– Токму таква е соработката меѓу нашата институција и љубљанската, а за таа врска најзаслужна е тамошната кураторка Бојана Пишкур која ми пристапи и ја предложи оваа соработка. Неа веќе имавме прилика да ја слушнеме во МСУ – Скопје пред две години што на некој начин ја отвори и соработката меѓу двете институции. Нејзиното предавање се однесуваше на барање на нови прототипови на институции и нови видови на институционалност кои одат во насока на деколонизациски процеси и одучување на западниот канон, преку претставување на поширокиот контекст на делата од другите „истоци“ кои се дел од колекциите, но и дела од порецентна продукција – вели Васева.

Според Варошанец, долгорочните соработки овозможуваат организирање на образовни програми, обуки и работилници, кои можат да бидат особено корисни за развој на нови вештини кај вработените и публиката.

– Таквите иницијативи се фокусираат на подобрување на квалитетот на програмите што музејот ги нуди, истовремено мотивирајќи ги вработените да ги реализираат новостекнатите вештини во своето секојдневно работење и презентирање на уметничките дела. Создавањето на континуирана образовна средина не само што ги охрабрува вработените, туку и ја подига нивната свест за иновации во музејскиот контекст – вели тој.

Кои искуства може да се имплементираат во Македонија

Со какви искуства нашите курартори се враќаат од странство и кои добри практики би можеле да ги имплементираат во својата работа? Варошанец вели дека по соработка со Интернационалниот културен центар во Краков (International cultural Centre Krakow), Кунстхале Виена (Kunsthalle Vienna), Националната галерија во Прага (National Gallery Praguе), забележува дека и во Словенија се следат внимателно утврдени стандардни насоки за работа, кои се во согласност со европските и меѓународните стандардни практики. Но, исто така, во Словенија се забележливи топлиот прием и блискоста во музејската соработка како остаток од заедничкото минато.

– Меѓународните правила опфаќаат различни аспекти на музејската работа и имаат цел да обезбедат квалитет и конзистентност во управувањето со културното наследство. Кустоски и стандарди за чување на предметите, иако не отскокнуваат многу од правилникот на музеите во Македонија, словенечките музеи им даваат приоритет на строгите правила за чување, конзервација и изложување на уметничките дела. Овие правила опфаќаат следење на климатските услови, како што се влажност, температура и светлина, со цел да се спречи оштетување на уметничките дела. Клучно е континуираното вложување во нови технологии и методологии кои може да направат голема разлика помеѓу добро и лошо управување со збирките – вели Варошанец.

Тој додава дека многу важен сегмент на којшто се обрнува големо внимание се образовните програми, коишто многу често развиваат интерактивни програми за различни фокус групи, за да се подобри ангажманот и доживувањето на посетителите.

– Овие програми не само што ја зголемуваат свеста за вредноста на културното наследство, туку поттикнуваат и организирање на работилници, презентации и семинари кои ги спојуваат различните фокус групи и градат еден континуитет на посетители – завршува Варошанец.

Насловна фотографија: Маја Јаневска-Илиева / МСУ-Скопје

Фото: Урша Рахне / Модрена галерија – Љубљана

Сподели