Македонскиот анимиран филм „Златната пеперутка“ селектиран на форум во Чешка

Анимираниот филм „Златната пеперутка“ во режија на Гоце Цветановски, копродукција на „Светот на Биби“ и „Македонска крепост“ ќе учествува на реномираниот Анимациски форум за Централна и Источна Европа (CEE Animation Forum 2025) што есенва ќе се одржи во П’лзењ, Чешка.

Филмот е еколошка авантура за целото семејство, сместена во волшебна џунгла каде јунаците се соочуваат со предизвици, опасности и важни животни избори. Селекцијата на CEE Animation Forum е уште едно признание за успехот на „Светот на Биби“, најпопуларниот детски бренд во Македонија со повеќе од 120 милиони прегледи на „Јутјуб“ и ТВ прикажувања во шест држави во регионот.

CEE Animation Forum е водечка европска платформа за презентација, финансирање и копродукција на анимирани проекти. На 13. издание на форумот пристигнале 199 пријави, а „Златната пеперутка“ е еден од шесте селектирани долгометражни анимирани филмови. Тие ќе се натпреваруваат за награда од над 50.000 евра во парични и други награди, и за учество на специјализирани тренинг програми, пазарни презентации и средби со водечки европски продуценти, дистрибутери и телевизии.

– Голема чест ни е што сме дел од оваа силна селекција – вели Цветановски.

Цветановски во моментов е актуелен со „Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм кој беше прикажан на дваесетина фестивали и сè уште патува низ светот, а со филмското деби „Бизнисот на задоволството“ освои 10 меѓународни награди.

Сподели