Прецизното датирање е предизвик дури и во периоди за кои постојат пишани извори, а пак добивањето дата за праисториски локалитет со старост од преку 7000 години, многу години пред писменоста, е уште поголем предизвик, вели Андреј Мачковски
Нова методологија за досега најпрецизно датирање на археолошки локалитет, стар повеќе од 7000 години објавија научници во престижното списание Nature.com. Тимот е предводен од македонскиот научник Андреј Мачковски, доктор на науки по археологија и дендрохронологија, истражувач на Универзитетот во Берн, Швајцарија. Во трудот насловен Absolute dating of the European Neolithic using the 5.259 BC rapid 14C excursion, презентирани се резултатите од ископувањата на локалитетот Диспилио на Костурско Езеро, во Северна Грција.
– Ова е прв пат во светот да се користи ваква комбинација на дендрохронологија и радиокарбон датирање на толку стар локалитет – вели Мачковски, прв автор на трудот и предводник на истражувањето.

Поглед на локалитетот од дрон. Во долниот дел видлива е реконструкцијата/музејот, а погоре, десно од камбаната се археолошките сонди. Во далечината видливи делови од градот Костур околу Костурско Езеро. UniBern/Marco Hostettler
Тој објаснува дека во новата студија објавена годинава, презентирано е првото датирање со годишна прецизност (досега датирањата беа +/-неколку десетици години н.з.) на неолитски локалитет од Балканот со старост од над 7000 години. Точното датирање е постигнато преку комбинација на дендрохронологија и мерење на космогениот изотоп на јаглеродот Ц-14 (радиокарбон) во годовите (прстените) на дрвените колци од наколната населба во Диспилио.
– Во годовите на колците користени за изградба на неолитските објекти идентификуван беше ненадејниот скок во концентрацијата на радиокарбон во 5.259 година пред нашата ера, предизвикана од зголемено космичко зрачење – објаснува Мачковски.
Новата студија е спроведена во рамки на меѓународен проект предводен од Универзитетот во Берн, Аристотеловиот Универзитет во Солун и Швајцарскиот федерален технолошки институт. Според Мачковски, датирањето е основна алатка во археологијата без која не може да се разберат ниту воспостават односите меѓу различни локалитети и појави.
– Прецизното датирање е предизвик дури и во периоди за кои постојат пишани извори, а пак добивањето дата за праисториски локалитет со старост од преку 7000 години, многу години пред писменоста, е уште поголем предизвик. Неолитот е периодот кога, преку процесот на припитомување на растенија и животни, за прв пат земјоделството и сточарството стануваат главен начин за производството на храна во регионот на источна Анадолија и Месопотамија. Многу важна е хронолошката прецизност за неолитски локалитети од појужните делови на Балканот со оглед на тоа дека неолитот во Европа првпат се појавува токму тука, пред околу 8.500 години. Во Македонија овој почетен период на неолитот претставен е со локалитетот Влахо во Пелагонија, чии најрани фази се пред околу 8.300 години – вели Мачковски.

Фотографија под микроскоп од процесот на одделување поединечни годови од примерок од дрво фоја за радиокарбон датирање. UniBern/Andrej Maczkowski
Дендрохронологијата е дисциплина која се занимава со истражување на годовите (прстените) на дрвата. Според Мачковски, мерењето на годовите овозможува апсолутно датирање на дрвени елементи и предмети со едногодишна прецизност, но дава и информации за климата во минатото.
– Ширините на годовите на дрвата варираат од година до година како резултат на варијациите на климатските услови. Па така, во добра година годот ќе бие поширок, а во лоша потесен. Мерењето на овие варијации во ширините на годовите произведува еден вид на „баркод“ од тесни и широки годови, карактеристичен за повеќето дрва во еден регион и период. Преклопувањето на овие низи на „баркодови“ на ширини на годови овозможува создавање на т.н. референтна хронологија на годови, регионален запис на климатските варијации во еден регион и период – објаснува Мачковски.
Ваквите записи на годови можат да се протегаат од денес па се до илјадници години во минатото, претставувајќи референца за апсолутно датирање на предмети од дрво. Но, за Балканот, како и во поширокиот источномедитерански регион, не постојат апсолутно датирани хронологии на годови кои се протегаат назад до неолитот. Поради ова, дендрохронолошкото датирање мора да биде комбинирано со радиокарбон датирање.

Неолитски антропоморфен керамички сад од Диспилио и накит. Dispilio Excavation Archive
Радиокарбонот (радиоактивниот изотоп на јаглеродот или Ц-14) е присутен во сите живи организми. Тој е дел од јаглерод диоксидот во атмосферата и е апсорбиран од растенијата преку фотосинтеза. За разлика од „обичниот“ јаглерод (Ц-12), Ц-14 е нестабилен, односно радиоактивен.
– Кога „дотурот“ на радиокарбон завршува со смртта на организмот (растение или животно) почнува неговиот радиоактивен распад. Периодот кога содржината на радиокарбон ќе биде половина од оригиналната кога организмот умрел, изнесува околу 5.730 години. Па така, мерењето на концентрација на радиокарбон во археолошко дрво овозможува приближна определба на староста на дрвото, но оваа прецизност не е годишна, ами во декади или векови. Мерењето на радиокарбон во серија на годови овозможува зголемување на прецизноста. Но тоа што овозможува годишна прецизност е неодамна откриениот т.н. „Мијаке настан“ (Miyake event) од 5.259 година пр. н. е. во годовите на дендрохронолошки датирани дрва ширум светот. Мијаке настан е термин кој опфаќа најмалку пет моменти во последните 10.000 години кога се случиле драстични, неколкукратни зголемувања на радиокарбон во атмосферата. Ваквите флуктуации се најверојатно резултат на силни сончеви бури, кога огромен број честички од Сонцето ја погодуваат Земјата произведувајќи дополнителен радиокарбон во атмосферата. Доколку ваква бура би се случила денес најверојатно би онеспособила голем дел од сателитите и електричните мрежи – вели Мачковски.
Откривањето на еден од овие Мијаке настани во годовите на колците од Диспилио овозможило прецизно годишно датирање на хронологија на годови од Диспилио долга 303 години со последен год во 5.140 година пр. н. е., во доцниот неолит. Со ова се заобиколува потребата од континуирана низа на годови која би се протегала од денес па се до 6. милениум пр. н. е.

Музејот во близина на локалитетот, хипотетичка реконструкција на тоа како можела да изгледа неолитската населба, но реконструкцијата не соодветствува со новите дендрохронолошки резултати. / Andrej Maczkowski
– Дендрохронолошкото датирање исто така за прв пат овозможува реконструирање на градежните активности на еден неолитски локалитет со годишна прецизност. Па така на пример, на една локација во истражуваниот дел во Диспилио може да се следат фазите на реконструкција на еден објект иницијално подигнат во 5.328 година пр. н. е., потоа обновен во 5.294 година пр. н. е., за последна обнова да добие во 5.287 година п.н.е. Ваквиот распон од 35-37 години помеѓу фазите на обнова можеби кореспондира со траењето на една генерација – објаснува Мачковски.
Тој додава дека сериите на годови исто така служат како показател за климатските варијации во истражуваниот период. Така за првпат ќе може да се реконструираат влијанието на варијациите на врнежи врз раните земјоделски заедници со годишна прецизност.
Научен труд одекна во светски медиуми и досега е преземен од над 60 весници и портали во светот и регионот.
Насловна фотографија: Археолошките ископувања во Диспилио и остатоците од праисториските дрвени колци. До средината на 20. век овој дел бил сосема под вода, а денеска е само спорадично потопен. Dispilio Excavation Archive





