Македонската книжевност во 7/8 такт патува на најголемиот Саем на книгата во Франкфурт

На површина од 32 квадратни метри ќе бидат претставени 70 автори застапени во каталозите, како и книгите и сликовниците илустрирани од 20 илустратори. Тука се и 11 книги кои лани беа преведени на англиски јазик, специјално за Саемот во Франкфурт

Имаме квалитетна книжевност, писатели и илустратори кои се регионално и светски признаени и таа треба да се промовира онака како што заслужува, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во пресрет на 76. издание на Саемот на книгата во Франкфурт што ќе почне утре. Под слоганот „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам.“ (Read in 7/8. Stories with a unique beat) македонскиот штанд е изработен специјално за оваа намена, ќе биде поставен во средишниот дел на четвртата меѓународна хала, на површината од 32 квадратни метри.

Бојан Саздов

– Саемот на книгата во Франкфурт е најголема и најпосетена манифестација од овој тип во светот и годинава се одржува по 76. пат. Почесна земја-гостин е Филипини. На саемот ќе се одржат околу 4.000 настани (промоции и панел-дискусии), ќе присуствуваат 10.000 новинари и 7.500 претставници на делегации на изложувачите од над сто земји, а бројот на очекувани посетители е над 230 илјади – вели Саздов.

Идејата на креативниот концепт на годинашното претставување е македонската книжевност да биде презентирана како збир од нерамноделни, непредвидливи и оригинални гласови кои изненадуваат и фасцинираат.

– Како што нашата музика има свој единствен ритам, и нашата книжевност пулсира со непредвидлива енергија, со ритам што заведува и не се заборава. Дизајн-студиото „Кома“, задолжено за дизајнот на штандот, целата приказна одлично визуелно ја претстави преку правоаголни форми во боите на МАИ, наредени во 3-2-2 такт, така што визуелно асоцираат и на клавиши на пијано (односно на музика), и на книги – објаснува Наташа Атанасова, секретар на МАИ.

Македонскиот штанд лани

Работна група од седум работи од средината на мај работи на македонското претставување во Франкфурт, веднаш по завршувањето на скопскиот Саем на книгата. Поделени во неколку работни подгрупи тие работеле на креативниот концепт и изгледот на штандот, каталозите за возрасни и за деца и на новата веб-страница. Тие соработувале и со издавачи кои не се членови на МАИ, а чии изданија се од автори, застапени во каталозите.  Според Атанасова, во Франкфурт ќе бидат претставени сите книги доставени од издавачите, од 70 автори застапени во каталозите, како и книгите и сликовниците илустрирани од 20 илустратори кои ќе бидат претставени годинава. Тука се и 11 книги кои лани беа преведени на англиски јазик, специјално за Саемот во Франкфурт, како и нарачани изданија од сите големи светски јазици на кои се преведени нашите современи автори.

На прашањето каков резултат донесоа преводите, Саздов објаснува дека тоа било влог за промовирање на македонската книжевност на долг рок.

– Преводите на англиски јазик не се само потребни, тие се неопходни во процесот на промовирање на книжевноста. Книгите ќе бидат дел од претставувањето и оваа и следните години, тие се достапни на штандот во печатена форма, а нив ги гледаат сите издавачи, агенти и професионалци кои ќе нè посетат. Интересот за нив е голем, тој проект го сметаме за полн погодок. Годинава го паузиравме за да инвестираме во други работи кои лани сфативме дека ни се потребни – вели Саздов.

Тоа се специјално дизајниран штанд, каталог за деца и новата веб-страница www.mai.org.mk/macedonian-literature, каде модерно и прегледно електронски се претставени авторите и нивните најзначајни и најнови дела, награди и меѓународни успеси, илустраторите со нивни репрезентативни илустрации, а има и регистар на издавачите членки на МАИ.

– Поставуваме основи на една значајна база на податоци за нашата книжевност, која ќе ја надградуваме секоја година – нешто што е неопходно да го имаме во денешната дигитална ера. Полека, но сигурно, фаќаме чекор со веќе развиените и организирани држави и здруженија, и претставувањето на книжевноста го издигаме на повисоко и многу претставително ниво. Од тука натаму можеме да очекуваме само склучени договори и книги кои добиваат свои изданија во странство – вели Саздов.

Македонското претставување на Саемот во Франкфурт и лани и годинава е финансиран од Министерството за култура и туризам. Според Саздов, тоа се должи на резултатите покажани низ годините и грижата македонската книжевност и култура да бидат квалитетно и достоинствено претставени.

– Задоволни сме што Министерството продолжува да ни ја укажува довербата. Дали може подобро? Секогаш може подобро. Тоа го покажуваме со сите дополнителни напори што годинава ги вложивме во однос на минатата година. Со истата сума како лани годинава направивме модерен штанд со светски изглед, дигитална база на податоци за сите наши значајни современи автори и илустратори и сме максимално посветени да имаме што повеќе и што подобри резултати од претставувањето – вели Саздов.

Наташа Атанасова

Тој е дециден дека учеството на вакви манифестации е неопходно, без оглед на тоа што Македонија е земја со јазик со мало говорно подрачје.

– Да бидеме тука е некој минимум. Да се претставиме квалитетно исто така влегува во тој минимум. Имаме квалитетна книжевност, писатели и илустратори кои се регионално и светски признаени и таа треба да се промовира онака како што заслужува. А тоа што сме земја со јазик од мало говорно подрачје ние го гледаме и како предност, затоа што за многу издавачи од светот нашата книжевност може да биде откритие и свежина во нивната издавачка програма – вели тој.

Македонското претставување годинава по вторпат го организира маркетинг-агенцијата „Импакта“. Според Наташа Атанасова и Јасмина Грујиќ, сопственички на агенцијата, минатогодишното искуство било многу важно за да се направат надградби во годинашното претставување.

– Сите што доаѓаат имаат ограничен простор во куферите и малкумина од нив понесуваат печатени каталози или книги. Затоа годинава се фокусиравме на изградба на електронска база на податоци за нашите автори и илустратори, на која работевме со месеци. www.mai.org.mk/macedonian-literature е моја и професионална и лична гордост, затоа што сметам дека со неа направивме здрава основа врз која ќе можеме да градиме и надградуваме во годините што се пред нас. Светот одамна функционира дигитално, издавачкиот свет исто така, па претставувајќи ги на овој начин, дигитално и прегледно, нашите автори и нашата книжевност, можеме гордо да кажеме дека знаеме како треба и работиме токму така – вели Атанасова.

Во Франкфурт, современата македонска книжевност ќе ја промовира седумчлена делегација на МАИ. Нашите издавачи најголемиот и најпрестижниот книжевен саем ќе го искористат за промоција на нашата современа книжевност преку бројни деловни средби, а на два настана ќе учествува писателката за деца Билјана С. Црвенковска. Традиционално, на 15 октомври – првиот, најпосетениот и највозбудливиот саемски ден, под покровителство на винарницата „Камник“, МАИ ќе организира коктел-забава за вмрежување со досегашните и идните соработници.

Сподели