Читателите формирани од мали нозе и негувани низ годините, голема е веројатноста дека ќе прераснат во сериозна читателска публика со изграден вкус и квалитетни читачки навики, вели Наташа Атанасова, секретар и лице за односи со јавноста на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ)
Изминативе години на Саемот на книга има процут на книжевноста за деца – и во поглед на домашната продукција, и во поглед на преводната литература. И тоа најмногу радува, затоа што читател не се раѓа, читател се станува. А читателите формирани од мали нозе и негувани низ годините, голема е веројатноста дека ќе прераснат во сериозна читателска публика со изграден вкус и квалитетни читачки навики, вели Наташа Атанасова, секретар и лице за односи со јавноста на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) како најголемо здружение на издавачи во Македонија. Со неа разговараме за годинашното издание на Саемот и активностите на МАИ, интересот на публиката, наградите кои полека прераснуваат во традиционални.

На Саемот на книга кој ќе се одржи од денеска до 10 мај ќе учествува и Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) како најголемо здружение на издавачи во Македонија. Што ќе ѝ понудат тие на читателската публика?
– Сите членки на Македонската асоцијација на издавачи со нетрпение го очекуваа почетокот на најголемиот книжевен и културен настан во земјава, Саемот на книгата. Неколку месеци наназад сите подготвуваа саемски новитети кои ќе бидат достапни за првпат на саем, на своите штандови и во промо центарот организираат промоции на новите книги и потпишување и разговори со своите автори. МАИ како здружение на Саемот на книгата нема да биде присутна со свој штанд, но затоа ќе бидеме таму со повеќе наши активности. Денеска МАИ ќе ја следи атмосферата и ќе ја споделува на страницата на Фејсбук. Утре во 11 часот го организираме свеченото доделување на наградите на МАИ, а во 16 часот ќе организираме трибина по повод Денот на македонскиот јазик насловена „Како (ни) зборуваат книгите?“ за употребата на македонскиот јазик во издаваштвото. Во понеделник, од 11 и од 12 часот организираме две работилници за деца од одделенска настава – првата, која е за креативно пишување и цртање, ќе ја води писателката Билјана Црвенковска, а во втората децата ќе можат да учат за историјата на Скопје преку игра, заедно со писателката Александра Тодоровиќ.

Имате ли увид во вкусот на публиката, што најмногу се бара/чита во изминатите 2-3 години?
– Читателската публика најмногу сака нови наслови. Тоа е мојот заклучок. Во разговорите со секоја од членките, добиваме информации за тоа што се бара најмногу кај секоја од нив, но со оглед на тоа што меѓу членството има издавачи фокусирани на различен тип литература, тешко е да е дојде до попрецизен одговор. Изминативе години имаме процут на книжевноста за деца – и во поглед на домашната продукција, и во поглед на преводната литература и тоа најмногу радува, затоа што читател не се раѓа, читател се станува. А читателите формирани од мали нозе и негувани низ годините, голема е веројатноста дека ќе прераснат во сериозна читателска публика со изграден вкус и квалитетни читачки навики. И, така, колку ни е поголема таа публика, толку ќе ни биде подобро општеството кое, живеејќи во него, сите го градиме.

Каков е односот на македонски спрема странски автори? За кои македонски писатели е најголем интересот?
– Ако гледаме процентуално, сигурно дека ќе превагнат странските автори. Па, тоа е литературата од целиот свет наспроти нашата! Нормално е да има повеќе преводна литература и преку неа да можеме да ѕирнеме па и да влеземе во другите култури и светови и на тој начин да си ги шириме видиците. Но, видиците како што се шират, така и се длабат. Македонските писатели со своите дела ни го овозможуваат токму тоа. Македонската книжевност е слика за тоа кои сме и што сме и понекогаш имам впечаток, тргнувајќи дури и од самата себеси, дека не си ја цениме доволно. За среќа или за жал, не знам, наградите и признанијата што писателите ги добиваат надвор од Македонија како најмногу да нè освестуваат за значењето на нашите писатели. Денес, среќни сме што имаме писатели како Влада Урошевиќ, Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Никола Маџиров… кои се читани и кои градат една нова слика за нас – и кај нас самите, и во светот.

Како промоциите, гостувањата на странски имиња влијаат на публиката? Дали го зголемуваат интересот и следствено на тоа побарувачката на некое дело?
– Најсилните врски на читателите со пистелите се оние кои вклучуваат запознавање на делото и запознавање на авторот – без разлика по кој редослед. Затоа, гостувањата на писателите на настани отворени за читателите се одлична можност да се запознае човекот зад тастатурата што ги креира световите и ликовите што нè фасцинираат. И, да, формулата од погоре делува – кога ќе ги запознаат писателите, ако се интересни како луѓе (а, нели, обично се, затоа што да се биде писател значи да се биде сè само не обичен човек) читателите посакуваат да ги читаат.
Колку здружувањето влијае на позицијата на издавачите? Какви придобивки носи?
– Две глави секогаш мислат подобро од една. Тоа го знаеме. А знаеме и дека заедно сме посилни. Здружувањето на издавачите значи можност за постигнување поголеми работи, кои еден издавач сам не може да ги постигне. МАИ ги вмрежува и поврзува издавачите, кои можат да комуницираат и да разменуваат информации меѓу себе во секое време, помладите да бараат совети од поискусните или да даваат нови идеи и да поттикнуваат на позитивни промени. МАИ им овозможува заеднички да се борат за своите интереси пред државните институции, заеднички да настапуваат на промотивни и продажни настани во Скопје, во другите градови низ земјава, па и на саеми на книгата во странство.

По седми пат МАИ ќе ги додели наградите/признанијата за издавачите кои веќе стануваат традиционални. За кои има најголем интерес и како тие влијаат на конкурентноста во издаваштвото?
– Наградите на МАИ кои се доделуваат за време на Саемот на книгата, за достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу два саема, со секоја измината година добиваат сè поголемо значење меѓу издавачите и меѓу читателите. Доказ за тоа е бројката од 19 издавачи кои годинава аплицираа за наградите. Од вкупно осумте категории, најголем интерес имаше за наградата за најдобар дизајн на корица (38 апликации), наградата за најдобра книга за деца (20 апликации) и наградата за најкреативно издание (14 апликации). Комисијата која оваа година ги доделува наградите е во состав: Владимир Јанковски, Дарко Спасов и Ивица Спасовски, тројца независни професионалци во области поврзани со книжевноста и со графичкиот дизајн на кои сите издавачи што аплицираа им ја дадоа својата доверба. Наградите се поттик за издавачите да бидат уште попосветени и секоја година да вложуваат уште повеќе во издавачкиот процес. Нормално, тие и ја поттикнуваат компетитивноста, што е здраво и пожелно сè додека таа компетитивност е во функција на самоподобрување и одење напред како на целиот издавачки сектор во земјава. А за читателите се патоказ за време на саемот да го побараат на штандовите на издавачите најдоброто што се издало од минатиот саем до овој.
Фото: МАИ





