Драго ми е што има позитивни коментари на оваа комбинација, а и целата приказна за „Македониум“, архитектурата, брутализмот на овој начин полесно допира до младите преку забава – објаснува уметникот роден во Крушево
Крушево е голема инспирација за уметникот Зоран Кардула. И самиот горд крушевчанец, во последните две и пол години создава постери инспирирани од градот со богата историја и ги објавува токму на денешен ден, Илинден. Тој нашол интересен спој помеѓу споменикот „Илинден“, односно Меморијалниот центар „Македониум“ и култната филмска сага „Војна на ѕвездите“.

Бруталистичките споменици од времето на Југославија отсекогаш ме пленеле со својот безвременски изглед и начинот како ја раскажуваат целата приказна, вели Кардула за умно.мк.
– Кога за првпат ги видов филмовите „Војна на ѕвездите“, првата помисла ми беше дека серијата буквално како да е инспирирана од овој стил. Направив комбинација од некои култни плакати на „Војна на ѕвездите“ и спомениците и многу ми се допаднаа како изгледаат и продолжив да ја збогатувам серијата. „Македониум“, за кој не треба многу да зборувам, е во моето Крушево и заслужува цел серијал. Целиот тој комплекс е неисцрпна инспирација за мене и многу често му се навраќам во моите дизајни – вели Кардула.

Зоран Кардула
Тој додава:
– Драго ми е дека има позитивни коментари на оваа комбинација, а и целата приказна за „Македониумот“, архитектурата, брутализмот на овој начин полесно допира до младите преку забава.













