Филмовите „Домаќинство за почетници“, „Чувари на формулата“ „Живи и здрави“ и „Набљудување“ во кои Македонија е копродуцент беа прикажани на престижниот меѓународен филмски фестивал Tallinn Black Nights Film Festival во Талин, Естонија. Ова е најпознат и најголем филмски фестивал на Балтикот, а се одвиваше од 3 до 16 ноември. Македонија заедно со Србија, Црна Гора и Хрватска се земји во фокусот. Беа прикажани вкупно 13 филма од регионот.
Нашиот кандидат за Оскар оваа година, „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист продукција на 13. ноември имаше своја проекција во Талин во рамките на програмата Screen International Critics’ Choice. Филмпт беше селектиран на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби наградата Queer Lion и е номиниран за Европските филмски награди. Филмпт е копродукција со продуцентски куќи од Австралија, Србија, Хрватска, Косово и од Полска. На 19 ноември е закажана уште една кино проекција.
Во официјалната селекција на фестивалот е и филмот „Живи и здрави“ од Црна Гора на Иван Мариновиќ, чиј прием на завчерашната проекција наиде на огромен интерес и сите наредни кино претстави се распродадени. Како македонски ко-продуцент се јавува Дејан Крајчевски од „Круг продукција“.
Македонскиот филм „Мравки“ во режија на Марјан Гаврилоски и во продукција на „Тајм лапс продукција“ е дел од индустрискиот маркет во Талин. Вчера на панел дискусијата присуствуваа претставници на филмските центри од регионот и авторите на филмовите кои се дел од Фокусот, по што следи и дегустација на традиционални и автентични вкусови од Балканот. Тимот од Агенција за филм и МЕДИА ДЕСК се присутни на фестивалот.
Македонија се јавува и како копродуцент на словенечкиот Observing кој е вон конкуренција, а ќе се прикажува во рамките на програмата Critics Peeks. Позади Observing стојат режисерот Јанез Бургер, а како копродуцент се јавува „Кавал филм“ од нашата земја.
Самиот фестивал го отвори српскиот трилер филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, каде како македонски ко-продуцент е „Скопје филм студио“, чија тема веќе ја разбранува јавноста и го нарекуваат „Српскиот Опенхајмер“.
Насловна фотографиа: Тимот на „Живи и здрави“ во кој Македонија е копродуцент





