Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје вечерва во 19 часот ќе го реализира 5. издание на проектот „Добри гости“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Иницијативата е преку серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата да бидат организирани заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители. На „Добри гости“ во Куманово ќе учествуват: Санде Стојчевски, Весна Ацевска, Петар Андоновски, Андреј Ал-Асади, Марија Ангеловска, Д. А. Лори, Снежана Стојчевска, Драган Атанасов, Ива Петровска, Дејан Величковски, Дамјан Златановски, Никола Наумовски, Драгана Стојадиновска, Сара Ѓорѓијоска, Росица Митиќ, Билјана Станковска, Даниел Стојчевски, Андријана Ѓорѓевска, Андреј Анѓеловиќ, Софија Величковска, Ана Манасиевска и Ива Додевска.
„Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Овие гостувања се планира да се одржат во повеќе градови, по што иницијативата ќе заврши кон крајот на 2024 година со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори.





