„Мајка“ на Теона Стругар Митевска на Венецискиот филмски фестивал

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал. Филмот ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања и други. Ова е трето учество на Стругар Митевска со нејзин филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023).

– „Мајка“ е инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот почна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм „Тереза и јас“, проект финансиран од Македонската радио-телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот „Мајка“ – вели Лабина Митевска, продуцентка на филмот.

Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од македонската Агенција за филм, Керативна Европа – програма Мадија, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

Селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со „Мајка“ е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик.

Сподели