Со антивоената приказна на Бертолд Брехт „Мајка Храброст и нејзините деца“, во режија на Дејан Пројковски во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе биде затворено јубилејното 50. издание на фестивалот Млад отворен театар. Оваа безвременска драма е третата театарска претстава која Пројковски ја поставува во Новосадскиот театар и која силно резонира со актуелното време во кое живееме исто како во времето кога Брехт ја напишал.
– Живееме во специфични времиња во кои времето се мери според војните и жртвите. Историјата не не’ научи да се промениме на подобро. Човештвото лесно заборава и повторно се враќаме на истите состојби. Играме слични игри, повторуваме исти трагедии. Светот постојано произведува крв и детски солзи. Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне и само една детска солза. „Мајка Храброст“ е огледало кое го открива вистинското лице на општеството и човекот. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина. Живееме во свет на амбалажа, без суштина каде што се сè препакува. „Мајка Храброст“ е како Сизиф кој повторно и повторно ги води своите деца низ војната и ги губи. Тоа е бескраен циклус. Ми потсетува и на Диоген кој со свеќа во рака бара каде исчезнал човекот, што се случува со него во војната, но и во кризите како короната, бидејќи секогаш кога амбалажата ќе падне суштината ја нема. Претставата е универзална приказна за војната, антивоена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија. Во античката трагедија има катарза, но овде таа се трансформира во V-ефект – ефект на оттуѓување што се раѓа во спојот помеѓу актерите и публиката“ – вели Пројковски.
Kако дел од македонската авторска екипа работеа и Олга Панго, кореограф, Валентин Светозарев, сценографија, Горан
Трајковски, музика и Стефан Светозарев, дизајн на постер. Во „Мајка Храброст и нејзините деца“ играат: Емина Елор, Дина Дедовиќ Томиќ, Даниел Тот, Чаба Бенце Кемивеш, Золтан Ширмер, Роберт Ожвар, Арпад Месарош, Иштван Кереши, Атила Немет, Даниел Хуста, Габриела Црнковиќ, Даниел Гомбош, Габор Понго, Бенце Салаи, Ливиа Банка.





