„Ние немаме отворени прашања. Ама да почекаме, шоуво трае 2 часа“

„Ние немаме отворени прашања. Ама да почекаме, шоуво трае 2 часа“. Вака ја започна вечерта регионално најомилениот сатиричар и ТВ-автор на култната емисија со децениски стаж „24 минути со Зоран Кесиќ“. Ова шоу Кесиќ упорно го нарекуваше приредба. Веројатно зашто содржеше ред стендап комедија, ред пеење со преработени текстови според темите. А темите беа најразлични, од секојдневната политиката, балканска, но и македонска, преку религијата, машко- женските односи (а се спомнаа и машко-машки), естрадата до корупцијата, која Кесиќ предложи да ја патентираме и заштитиме како етнички елемент за ова поднебје. Дури се симна меѓу публиката и ја потплати со марки за да му аплаудира во ритмот на следниот сонг.

Зоран Кесиќ знае да се пошегува и на своја сметка, па одвои време да прозбори и за славата, дали му е подобро што е познат или не, и што се случува со познатите кога ќе ги симнат од ТВ-екраните. Тој е безбеден, само нека продолжи со претставите.

Но, Зоран Кесиќ не се претстави само како пејач и комичар вечерта. Со храбра и отворена сатира, освен редовната политичка критика на општеството, ја поткачи традиционалната закоравена мизогинија што денес се префрла и на социјалните мрежи. На крајот Кесиќ упати „порака кратка, позајмена од Влатко: Насмевни се, не бери гајле,
намигни ми, ајде на здравје, Скопје.“

Иако публиката не успеа да ја пополни целосно големата сала на филхармонија, беше токму онаа вистинската – реагираше бурно на сите шеги на Кесиќ, а на крај стоејќи, со громогласен аплауз го испрати од сцената.

Навистина, немаме никакви отворени прашања со Зоран, особено со Зоран Кесиќ. (M.J.И)

Сподели