Литературно-уметнички проект на Александра Ацеска во Ликовната галерија во Прилеп

Во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп на 14 август ќе биде отворено инспиративно и уникатно литературно-уметничко „пловење“ облагородено со доза на филозофска длабочина со прилепската уметница Александра Ацеска. Изложбата и промоцијата на книга насловено Flow. Flow го истражува патот на животот преку водата.

– Проектот е составен од уметнички дела, како и уметничка книга која се состои од неколку приказни инспирирани од искуството на уметницата во Кина и четири жени чии патишта се спојуваат и разидуваат, во периоди на промени, интроспекции и созревање. Flow ја следи филозофијата дека животот, како водата, е постојана промена. Тоа е потсетник дека отпорноста, радоста и рамнотежата не се дестинации, туку текови што ги учиме – вели Ацеска за својот уметничко-литературен концепт и проект.

Разговорот со Ацеска ќе го води Иван Ивановски, а промотор на книгата ќе биде Филип Димкоски. Модератор на средбата ќе биде Александар Еленин.

Александра Ацеска (1994) е родена во Прилеп, а живее и работи во Фошан, Кина. Во 2017 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности Скопје, отсек сликарство и графички дизајн, и на ФМУ во 2023 магистрирала сликарство. Имала неколку самостојни изложби, учествувала во голем број групни и е добитник на домашни и меѓународни награди.

Сподели