Ретроспектива на ликовното творештво на уметницата Ленче Митевска од Тетово ќе се одржи вечерва во 19 часот во уметничка резиденција на здружението „Македонида“ во Скопје (ул. „Атинска“ бр. 2, кај „Веро“ 2). Изложбата претставува еден преглед од почетокот на нејзиното ликовно творештво во 80-тите, сè до 2016 година. Изложбата ја организира Митевска во соработка со Гордана Велков, историчарка на уметност, со поддршка од Општина Карпош.
Делата на Митевска го отсликуваат нејзиниот темперамент и жар со кој посветено и со голема љубов ја гради својата уметничка сцена која постепено расте и еволуира во разни ликовни содржини, пишува Велков.
– Следејќи го својот инстинкт и естетика, Митевска за кратко време го создава личниот и препознатлив сликарски белег во своите творби. Нејзините први сликарски мотиви припаѓаат на периодот на бела-арте или убавата уметност на 90-те години во Македонија и регионот. Тоа се дела со флорални фигурации, пејзажи, амбиентално аранжирана мртва природа со носталгичен и романтичен призвук на убавото доживување. Подоцна, амбиентот во сликите Митеска го исполнува со архитектонски елементи и објекти со реалистично насликани традиционални куќи и дворови кои претставуваат сентиментален документ на местата и луѓето во нејзиното опкружување – пишува Велков.
Понатаму Митевска ја развива и проширува сликарската техника употребувајќи акрилни бои. Во еден период работи и со црна печатарска боја каде апстрактно и графички ќе создаде серија на колажи со тема на социјалната патологија како појава во 2000-те години. Милениумската декада во делата на Митевска е одбележана со циклуси на апстрактни слики, но и фигурации во апстрактна позадина допирајќи ја димензијата на потсвеста каде се мешаат реалноста, сеништата и желбите.
Работејќи во своето ателје во Тетово, Митевска неуморно експериментира употребувајќи и различни медиуми, рачно работена хартија, стакло, глина и создава серија на објекти од примената уметност со ликовна и уметничка декорација.





