Ленче Делова ќе биде запаметена како тивка сила на сцената и како уметник со редок интегритет

Со широкиот дијапазон на улоги од комика и гротеска до драма и трагедија, ја покажа нејзината способност наизглед споредниот лик да го претвори во движечка сила на сцената. Сето тоа, акцентирано со нејзината насмевка и топол поглед – напишаа во телеграма, колегите од Македонскиот народен театар.

Ленче Делова беше светска актерка. Голема актерка, голема жена, голема мајка. Македонскиот театар изгуби многу. Мене и сега ми претставува и чест и гордост што можам да говорам за Ленче, бидејќи многу од моите 40 години во Драмски театар сум ги поминал со неа, да не говорам за телевизијата. Така некои работи ми текнуваат, да речеме, во театарот ‘Понеделник попладне‘. Добивме награда на ‘Војдан Чернодрински’. Но, бидејќи не ни доделија, мислам дека доделија за режија, и ние сите ги откажавме. Ленче веднаш прва рече: ‘Ја враќам наградата’”, рече Благоја Чоревски, на комеморацијата што се одржа денес во нејзината матична куќа, Драмски театар. Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, се одржа средбата посветена на оваа важна актерка за македонскиот театар.

Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа, тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што останува до пензионирањето во 2004 година.

Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.

Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја добива награда за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја добива наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одбива заедно со сите други наградени од претставата.

Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и колегите од повеќе македонски театри. Телеграма испрати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Во овие тажни мигови, иако не постојат зборови коишто можат соодветно да ја изразат големата загуба, упатувам најискрено сочувство до семејството, пријателите, колегите и до целата македонска културна јавност. Ленче Делова оствари бројни ролји во Драмскиот театар во Скопје, каде што го помина сиот свој работен век. Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентична психолошка суптилност, топлина и природност, со што успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката. Извонредните актерски остварувања и благородната личност на Ленче Делова ќе останат трајно запаметени како дел од највредното наследство на македонската театарска сцена и телевизискиот медиум“.

Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша:

„Ќе ја паметиме по нејзините улоги, по силните и автентични интерпретации со кои ѝ даваше живот на секоја сцена, по нејзиниот препознатлив глас и достоинствена појава. Со својот талент, посветеност и професионализам, таа остави длабок и траен белег во македонскиот театар, филм и телевизија, вградувајќи се во темелите на современата македонска култура.
Од име на Министерството за култура и туризам и од мое лично име, изразувам искрено сочувство до семејството, колегите и сите почитувачи на нејзиното дело. Нејзиното творештво ќе остане трајна вредност и инспирација за идните генерации.“

Колегите од Македонскиот народен театар во телеграмата споделија сеќавање на долгата кариера на Ленче од самите нејзини почетоци во 1965 година со зборовите: „Израсната и оформена како актерка во нејзиниот Драмски театар, Ленче Делова во текот на својата неколку децениска актерска кариера покажа како лирската прецизност може да остане траен спомен и четиво за иднината. Со широкиот дијапазон на улоги од комика и гротеска до драма и трагедија, ја покажа нејзината способност наизглед споредниот лик да го претвори во движечка сила на сцената. Сето тоа, акцентирано со нејзината насмевка и топол поглед. Нејзинатата уметничка дарба и сценска посветеност оставија траен белег во македонскиот театар и во срцата на сите што имаа чест да соработуваат со неа. Ќе остане запаметена како тивка сила на сцената и како уметник со редок интегритет и во театарот и на телевизија. Нејзиното отсуство е ненадоместлива загуба, а нејзините дела – светол патоказ за идните генерации“.

Од ансамблот на Албанскиот театар – Скопје колегите изразија искрено сочувство по повод загубата на истакнатата македонска актерка Ленче Делова: „Нејзиниот исклучителен уметнички придонес ќе остане трајна вредност во театарската уметност и културниот живот на нашата земја. Ќе ја паметиме по нејзината посветеност, талент и човечка топлина, кои оставаа длабока трага кај сите што имаа чест да ја познаваат и да соработуваат со неа. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејството, колегите и сите што ја сакаа и почитуваа“.

Колегите од Театарот за деца и младинци од Скопје велат дека Делова остави значаен белег во македонскиот театар, филм и телевизија: „Со децении активно присутна на сцената, таа беше дел од бројни претстави и остварувања што ја обележаа современата културна продукција и допреа до повеќе генерации публика“.

Во името на македонското глумиште и колективот на Драмски театар на комеморацијата се обрати директорот Роберт Вељановски потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот која нè плени со секоја нова изведба на театарските сцени. Тој замоли со силен аплауз, единствената почит со која се искажуваат најсилните емоции, да се простиме од големата уметница, актерката Ленче Делова и воедно да се потсетиме на нејзината најголема поддршка и на сцена и во семејството, нејзиниот починат сопруг Урош Делов – Руше. Тој беше голем познавач на „театарската светлина“ и расветните тела потребни за доловување на магијата на сцената и обучувач на генерации осветлители и мајстори на светло во Драмскиот театар.
Македонската актерка Ленче Делова беше погребана во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.

Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965); Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/ (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).

Сподели