Аплаузи за премиерата на „17“ на Косара Митиќ во Берлин

Филм што почнува со удар во стомакот што никогаш не запира. Толку паметно снимен, што не можете да сe воздржите, а да не се почувствувате емотивно поврзани со главната аткерка. Отворено зборува за бруталната реалност на сексуалното насилство на адолесцентите – вели коментар на гледач, објавен на платформата Letterboxd.

Дебитантскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ, а во продукција на Томи Салковски и продукцијата „Црна мачка“, синоќа ја имаше светската премиера во рамките на „Панорама“, програмата во официјална компетиција на Берлинскиот филмски фестивал. Аплаузи и полна сала беа составен дел на премиерата на филмот на Митиќ. Проекцијата се одржи во киното „Блумакс“, а учествуваа режисерката Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, продуцентот Салковски. Во Берлин, во поддршка на филмот се и: косценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, дел од актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.

Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

-Филм што почнува со удар во стомакот што никогаш не запира. Толку паметно снимен, што не можете да се воздржите, а да не се почувствувате емотивно поврзани со главната аткерка. Отворено зборува за бруталната реалност на сексуалното насилство на адолесцентите – вели коментар на гледач, објавен на платформата Letterboxd.

-Интересен поглед врз колективните неуспеси на македонското општество, преку очите на младите од земјата – вели друг коментар.

Успехот со учеството во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, е надополнет со фактот дека „17“ е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција. Филмот ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFF Best First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилна поддршка на новата генерација филмски автори. Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се: Софија Алауи (Sofia Alaoui) – сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек
(Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)- директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“.

Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем филмс“ од Франција.

Сподели