Лекторски часови и предавања за 40 странски македонисти и слависти во Охрид

Околу 40 странски македонисти и слависти од 15 земји пристигнаа во Охрид и утрово почнуваат со лекторски часови и предавањата во рамките на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во попладневните часови тие ќе проследуваат културни настани предвидени со програмата.

Летната школа свечено беше отворена вчера, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Тој нагласи дека во рамките на големиот јубилеј посветен на Блаже Конески се одржува и Летната школа која ќе биде посветуваат на творештвото на великанот. Пендаровски е задоволен од бројката на годинашните учесници на школата која сведочи за интересот за изучување на македонскиот јазик и литература.
– Во следниот период очекува многу поинтензивен ангажман во зајакнувањето на постојните и отворањето нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети – рече Пендаровски.

 

Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски рече дека чувствува пиетет да му се оддолжиме на професорот и ректор, Блаже Конески, кој имал свој влог и учество во покренувањето и обмислувањето на тогашниот Семинар за македонски јазик, во далечната 1967 година.
– За овој чин Конески ќе рече: „… времето покажа дека има смисла и таа форма, бидејќи тие семинари дадоа свои резултати“. И навистина тие семинари, овие наши семинари дадоа исклучителни резултати. Странските македонисти се нашите најголеми културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели – рече Јанкуловски.

Директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска рече дека Блаже Конески е најграндиозната наша фигура. Таа семинаристите ги поздрави со песната „Охрид“ од Конески. Потоа беше промовиран Зборникот „Предавања на 53. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура“.

По Летната школа, на 3 и 4 септември ќе се одржи и 48. Меѓународна научна конференција на која околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања за Блаже Конески, како стожер на македонскиот јазик, литература и култура.

Сподели