Изложба на Пандора Апостолоска-Саздовска и Сашо Саздовски во Музеј на град Скопје

Изложба на слики и инсталација „Ре-изградени сеќавања“ од визуелната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска и на скулптури „Минимални контрасти“ од академскиот скулптор Сашо Саздовски ќе биде отворена утревечер во 20 часот во Музејот на град Скопје. Изложбата ќе трае до 15 септември, а куратор е Златко Теодосиевски.

„Ре-изградени сеќавања“ е мултидисциплинарен проект и претставува комбинација на слики, цртежи и објекти. Целта на монументалните инсталации е да ги презентираат актуелните и ангажирани визуелни истражувања на уметницата.
– Проектот ги истражува историските случувања и дефинира вид уметност која е создадена да постои во одреден политички момент со што на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание – пишува Теодосиевски.

„Минимални контрасти“ пак, презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот. Тој е дел од истражувачката серија на скулптри во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот.
– Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло-темно, природно-вештачко, движење-спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност – вели Теодосиевски.

Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на професорите Душан Перчинков и Танас Луловски. Нејзината уметничката практика е фокусирана на односите помеѓу луѓето, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен.

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за скулптура и графички дизајн, каде пагистрирал под менторство на проф. Драган Поповски-Дада. Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно истражувачка, фокусирана на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот.

Делата на двајцата автори се изложувани во музеи, центри и галерии за современа уметност во многу земји во светот. Двајцата се добитници на многу награди.

Сподели