Лажни дојави за бомби – со не-информации против дезинформации

Ако од форензичките анализи и профилирањето на нарачателите се востановило дека се различни и не се сериозни, најверојатно надлежните пристапиле кон пресметан ризик и прекинаа да известуваат за тоа. Тоа, освен свесност кај наслението, што за жал прерасна во паника, нема друг ефект, ако вие си ги спроведувате сите протоколи за безбедност и намалување на ризикот. Но, сте анулирале голема предност на нарачателот, смета Хаџи Јанев

Пишува: Игор К. Илиевски

Како всушност заврши кампањата со лажни дојави за бомби кои минатата учебна година ја креваа на нозе и полицијата и јавноста? Дали јавувањата беа сопрени или игнорирани? Сторителите откриени или забошотени? По повеќе од 960 лажни дојави за бомби, од кои најмалку 876 за училишта, кампањата мистериозно сопре два дена откако го достигна пикот од 120 јавувања во еден ден, на 1. март годинава. Надлежните овој успех го објаснија со промена на протоколите за постапување во вакви сличаи, но детално не ги објаснија промените. До денес нема информација за можните сторители и мотиви, иако уште во март беа најавени кривичи пријави за тероризам против „кластер сторители“.

Протоколите не се за да скриеме информација

По 128 дена од првото лажно известување за поставена бомба во училишпте, на 3 март власта објави дека донела мерки за справување со лажните дојави – еден таен протокол на МВР и упатство на Министерството за образование.

Тогаш, по состанокот со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за образование Јетон Шаќири најави дека властите размислуваат да не се земат предвид дојавите пристигнати на електронска пошта, „затоа што маилот не е законска задолжителна комуникација меѓу инститициите“.
- При анализите ќе се земат искуствата од соседните земји, рече Шаќири.

По овој состанок, лажните дојави како да запреа.

- Индикативно е како од моментот на донесувањето на новите протоколи од утредента имаме сериозно намалување или престанување на дојавите. Оттгоаш на мејловите на училиштата, градинките и државните институции нема пристигнато ниту една нова закана, рече на крајот на март Спасовски.

До денес нема прецизни информации за новите протоколи, освен дека тој на МВР е „сообразен со новото време“. Спасовски во јуни, на „Ден на отворен кабинет“ во Штип, објасни дека старите протоколи биле пишувани во деведесетите, а „електронската дојава не беше воопшто дел од протоколот, туку едноставно само добивањето на информација“. Спасовски додаде дека во новиот протокол се цени релевантноста на информацијата односно на веројатноста за евентуална закана, која се оценува со низок, среден и висок степен, од што зависи како ќе се постапи.

- Протоколите практично не се создадени за да ние скриеме некаква информација, туку едноставно да се постапува и за секое постапување да можеме да ја информираме јавноста, изјави тогаш Спасовски.

Афирмирајќи ја намерата за некриење информација, министерот за внатрешни работи тогаш додаде:

- Два дена по носењето на новите протоколи имавме дојави, првиот ден во три училишта, а следниот ден уште во едно училиште и тука, запре целиот тој процес затоа што од една страна се интензивираа истрагите и дојдовме до резултати, додаде тогаш Спасовски.

„Најверојатно престанаа да известуваат“

Но, овие неколку дојави, кои ги спомена Спасовски, ù се непознати на јавноста, а и на медиумите. Нив ги нема ниту во официјалната евиденција која МВР ја доставува на барања за информации за лажните дојави.

Не е најпрецизна ниту евиденцијата на лажните дојави. МВР достави детална табела со 905 лажни дојави, систематизирани по број на локации, датум и по град, но и наративна информација за лажни дојави за 918 локации, испратени од 76 имејл адреси. Двете информации се за периодот од 26 октомври до 2 март.

Спасовски, пак, минатата недела, говорејжи на конференција, рече дека „повеќе од 720 објекти беа таргет на 964 лажни дојави, испратени од преку 60 различни е-маил адреси“.

Уште во март, кога министерот за образование Јетон Шаќири најави дека ќе црпат искуства од соседите, српските медиуми шпекулираа дека дојавите за бомби во Србија драстично се намалиле, особено во Белград, затоа што државата „тивко решила да не ги објавува, за да се дестимулираат испраќачите“.

Оваа идеја веднаш доби поддршка од неколку стручњаци во Македонија.

- Можеби ова е добра идеја, но вакви работи тешко може да се сокријат. Се случува кај популацијата која најмногу нè засега, кај нашите деца и во одредени јавни институции, и да јавиме и да не јавиме, најголемиот дел од граѓаните повторно ќе дознаат, рече тогаш професор Злате Димовски од Факултетот за безбедност, во интервју за Радио Слободна Европа.

Неизвестување, како една од мерките за спречување немир и неспокој во јавноста, уште тогаш предлагаше и професор Методи Хаџи Јанев.

- Со тоа што едноставно не информирате, сте затвориле порта за едно од критичните побарувања на нарачателот на оваа активност, било да е од налудничава забава или пак со малициозна намера, а тоа е да има видливост и да сее паника. Ако претпоставените од форензичките анализи и профилирањето на нарачателите востановиле дека се различни и не се сериозни, најверојатно пристапиле кон пресметан ризик и прекинаа да известуваат за тоа. Тоа, освен свесност кај наслението, што за жал прерасна во паника, нема друг ефект, ако вие си ги спроведувате сите протоколи за безбедност и намалување на ризикот. Но, сте анулирале голема предност на нарачателот, а тоа е од анонимност, со многу мали сили и средства, асиметрично да го ремети системот, да ги троши ресурсите, и да ја поткопува довербата кај населението во системот, смета Хаџи Јанев.

Дали власта дезинформираше?

Но, тој не смета дека со тоа државата и самата се впуштила во кампања на дезинформирање.
- Не гледам како со тоа Владата стимулира дезиноформации. Таа пристапи со не-информација, вели Хаџи Јанев.

Тој смета дека како дезинформации би можеле да се протолкуваат изјавите дека лажните дојави потекнуваат од „актери со политичка позадина, без притоа да бидат јасно искомуницирани и дообјаснети, а во стилот „тоа е вистина затоа што јас ви велам.“

Методи Хаџи Јанев

- Дезинформирањето во вакви ситуации настанува од лошо стратешко комуницирање со јавноста. Пример само како за паралела е скандалот со сајбер нападите врз министерството за здравство и начинот на кој од таму комуницираа со јавноста. Неподготвеноста да давате точни соопштенија или пак да го искалкулирате ризикот и да имате изјава која треба да е политички коректна на било кој основ, Ве става во незавидна ситуација особено ако новинарите, што е најчест случај, за жал, само ги пренесуваат соопштенијата на владата. Кога некој кој добро го познава настанот или областа ќе појасни детал од дадениот инцидент, изјавата на владините претставници во такви случаи е дезинформација, намерно или не, оценува тој.

Од друга страна, нагласува Хаџи Јанев, промената на протоколот дала резултати.

- Нема дојава. Добро е што протоколот се смени, бидејќи ако дојавите за бомби се планирани и оркестрирани, тогаш целата е сигурно и прибирање на информации. Снимени се процедурите, реакциите, протоколите, брзината, користењето на ресурсите, интеракцијата помеѓу различните чинители од општеството во случај на криза. Тоа нужно бара да вие се прилагодите на новонастаната ситуација, да мобилизирате сили и ресурси преку развивање на соодветни постапки, за да може системот да го врати ударот назад. Значи, системот да биде еластичен и да го намали просотор за маневар на малициозните вектори на закана, смета професорот.

Но, дали неизвестувањето ги загрози учениците, вработените во училиштата и родителите? Не, ако биле превземени сите потребни безбедносни мерки, тврди Хаџи Јанев.

- Не знам како би ги загрозиле ако не известувате јавно за тоа, а ги преземате сите други мерки за безбедност, кои би ги преземале исто како кога би известиле јавно. Да, можеби влијаете на свеста кај останато население, ама кај нас, за жал, заради голем број други фактори на ерозија на јваната свест во системот, тоа се претвори во паника. Затоа сметам дека, ако се преземени сите протоколи за намалување на ризикот, ако се развиени процедури за реагирање во вакви ситуации, не гледам како повеќе би биле загрозени отколку кога за тоа би се известувало јавно, вели Хаџи Јанев.

Фото: Принтскрин: ВОА, Сител, ТВ24

Сподели