„Дали си маж“ на Ставрески во официјална селекција на фестивал во Италија

Филмот „Дали си маж“ на режисерот Ѓорче Ставрески е избран во официјалната селекција на 48. фестивал посветен на кратки филмови, Laceno d’oro (Лaчено доро). Станува збор за важен фестивал, а ова е голем успех за последниот филм на режисерот на „Исцелител“, Ѓорче Ставрески.

Филмот ја имаше својата премиера во март годинава. Тоа е приказна за едно момче кое расте со самохрана мајка и кое обидувајќи се да одговори на предизвикот од својот сосед, ја добива својата прва лекција по животна иронија.

Улогите ги толкуваат: Сашко Коцев, Душица Настова, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Анастасија Ласовска, Лила Милиќ, Мими Таневска Србиновска и младиот Данило Ивановски во улогата на Марко.

Сценариото и режијата се на Ставрески, директор на фотографија е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценограф Симо Бранов, продуцент на филмот е Ивана Шекуткоска, додека филмот е во продукција на „Минимал колектив“.

„Дали си маж“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Филмскиот центар Србија.

Сподели