Овој е фестивал на кинематографери, ако немаме гости од фелата, во суштина, немаме фестивал, вели за Умно.мк директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски
Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ годинава почнува еден месец порано, во невообичаен термин за неговата традиција. Свеченото отворање е закажано за вечерва во 21 часот во големата сала на Центарот за култура во Битола, каде еден час подоцна ќе биде прикажан францускиот „Мајка и син“ во режија на Леонор Сераије и Елен Лувар како директорка на фотографија. Фестивалот вообичаено се одржува во средината на септември, некогаш дури и почетокот на октомври.
На прашањето на Умно.мк, на што се должи поместувањето годинава, кога мерките околу ковид-пандемијата се олабавени, директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски вели:

Симеон Мони Дамевски (лево) и Ентони Дод Ментл
– Единствена причина зошто го поместивме фестивалот е што лани многу се намачивме заради пандемијата. И лани и годинава, како завршуваше летото, во почетокот на септември почнуваа да растат бројките на ковид-заразени и беше невозможно да се патува. Не можевме да ги донесеме гостите што сакавме и какви што заслужува овој фестивал. Овој е фестивал на кинематографери, ако немаме гости од фелата, во суштина, немаме фестивал. Лани забележавме дека пандемијата не ни беше голема закана во август. Дел од фестивалот се и забавите, сакаме да ни дојде што побројна публика, лани можевме само една третина да внесеме во сала. Не можевме многу да се дружиме. Затоа одлучивме годинава да се обидеме со август – вели Дамевски.
И битолскиот градоначалник Тони Коњановски во јуни најави дека тоа било концепциска одлука и со цел на фестивалот да има поголема публика, зашто лете градот живеел подинамично и се очекува поголема посетеност. Фестивалот годинава доби поголема поддршка од општинатa.

Фестивалот година со „Златна камера 300“ за животен опус го награди истакнатиот британско-дански кинематографер Ентони Дод Ментл. Тој вчера пристигна во Битола. „Со изборот да му ја додели оваа престижна награда на Дод Ментл, фестивалот доследно продолжува да гради традиција – на предходни лауреати на ,Специјалната златна камера 30’, подоцна им ја доделува и нградата за животен опус, со што се заокружува нивната творечка целина“ велат од фестивалот.
Дод Ментл првата награда ја доби во 2009 година. Во меѓувреме, неговиот опус е збогатен со уште десетици филмови и ТВ серијали кои се и негова специјалност (меѓу помаркантните, тематски и како портрет на контроверзниот Путин, „Интервјуа со Путин“ (The Putin Interviews), во режија на водечкиот американски режисер Оливер Стоун, вели Благоја Куновски-Доре.
Роден во 1955 година во Витни во Оксфорд, во Обединетото Кралство каде и што се школувал во гимназиската возраст, Ентони Дод Ментл вели дека, иако живее во Данска, сепак тој се буди секој ден чувствувајќи се Британец/Англичанец.
– Чудно или не, наместо да студира во Оксфорд или Кембриџ, од 1985 до 1989 година студирал камера на Националната филмска школа во Копенхаген, кога и започнува да живее и работи во Данска. Со тоа станува натурализиран Данец со британско потекло – вели Куновски.

Веднаш по студиите ја почнува својата соработка со неколку дански режисери – носители на новиот дански филмски бран, а најзначајен му е „догме“ периодот. Тој станува еден од творците на овој оригинален дански филмски израз/тренд, започнувајќи соработка со родоначалниците на ова филмско движење. Во 1998 година го снима официјално првиот догме-филм „Семејна прослава“ која на режисерот Томас Винтерберг му донесе светска слава. Cо својата снимателска работа и Дод Ментл го сврте вниманието, зашто суштината на догме-изразот и неговите аскетски правила биле базирани на начинот како ќе биде сниман секој догме-филм (главно со користење на камера од рака) и добивање филмска фотографија со природни, без артифициелни светлосни извори.
– Во 1999 година следува и третиот догме-филм – „Мифуне“ на режисерот Серен Крег Јакобсен. Тоа е современа социјална драма за момчето Крестен, кој од семејната фарма се сели во велеградот Копенхаген. Во истата година, американскиот независен автор, 20 години помладиот од Ментл, Хармони Корин, ја бара соработката со искусниот Ментл, со кого го реализира првиот американски догме-филм, „Џулиен магаренцето“ кој учествуваше на натпреварот на 21. „Браќа Манаки“ во 2000 година – вели Куновски.

Сцена од „Догвил“
За Дод Ментл, соработката со главниот иницијатор и основач на догме-движењето, Ларс Фон Триер, била неизбежна, од двата филма на провокативната трилогија за Америка: „Догвил“ oд 2003 година и „Мендерлеј“ oд 2005 година, до подоцнежниот, исто така кански учесник, уште поконтроверзниот „Антихрист“ од 2009 година, во кој Ментл го демонстрирал своето врвно кинематограферско мајсторство. Дод Ментл соработувал и со данската водечка режисерка Лоне Шерфиг во двата филма „Роденденскиот излет“ веднаш по завршените филмски студии во 1990 година, како и подоцнежниот „Баш како дома“ во 2007 година.
Во 2003 година Дод Ментл повтпрно работи со Винтерберг на неговиот филм „Сè за љубов“ со американското актерско трио: Шон Пен, Хоакин Феникс и Клер Дејнс. Со стекнатото искуство, Дод Ментл ја проширува соработката и надвор од догме кругот, па создава неколку маркантни филмови во неговиот опус, како „127 часа“ во 2010 година, во режија на Дени Бојл. Во филмот „Последниот крал на Шкотска“, Дод Ментл го слика актерот Форест Витекер, во личноста на озлогласениот африкански диктатор Иди Амин. Во филмот „Тие прво го убија татко ми“ oд 2017 година, со режисерката Анџелина Џоли, ги реконструираат потресните автентични настани од драмата на една камбоџанска активистка за слобода, која ги преживеала ужасите на смртоносниот режим на Црвените Кмери.

„Милионер од предградието“
– Триумфот во кариерата на Дод Ментл се случи во 2009 година, кога го освои едниот од осумте Оскари за филмот „Милионер од предградието“ во режија на Бојл, со што е крунисана новнмата тандемската соработка – вели Куновски.
За овој филм тој изјавил:
„Работењето на филмот ,Милионер од предградието’ беше физички напорно и ментално истоштувачки. Но, со другарство, доверба и разбирање вие можете да го преживеете тоа. Тоа помага ако имате континуирана врска каква што јас имав со Дени, тој е режисер кој држи сè во рацете, со многу енергија која ве води до крај, успешно. По сè изгледа, светот искрено го засака овој филм. Индија ми е многу драга и јас сум среќен што имав удел во создавањето на филмот таму.“
(С.Ѓ.-В.И.И.)





