Kонцептот на годинашниот МОТ е полн погодок и самата максима да ги погледнеме делата на нашите автори во странство многу ми се допаѓа. Многу важно е да се создаде конекција понеѓу театрите каде што работат македонските театарџии и Македонија, бидејќи со тоа се развиваат односите и се зацврстуваат врските онаму каде што се шири македонската култура надвор од нејзините граници.
Kолку повеќе ги работам текстовите на Славомир Мрожек сфаќам дека она што било апсурд тогаш со текот на времето станува дел од оваа наша искривена реалност. „Куќа на граница“ е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која поминува среде куќата. Звучи познато, нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање се’ што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се’ додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира, вели режисерот Андреј Цветановски, чија претстава „Куќа на границата“ во изведба на Регионалниот театар од Нови Пазар, Србија, ќе гостува вечерва во 20 часот на сцената на Младинскиот културен центар во Скопје. За оваа претстава, но и за последните негови проекти, како „Парите се отепувачка“ во Охрид и „Амадеус“ во Турскиот театар, зборуваме со Цветановски во интервјуто.

Какво искуство ви беше „Куќа на границата“ и соработката со Регионалниот театар Нови Пазар?
– Уште во првите разговори со управата и интересирање за регионот околу Нови Пазар и неговата местоположба веднаш сфатив дека е потентно место за поставување на „Куќа на граница” од Славомир Мрожек, полскиот мајстор на апсурдниот театар. Ансамблот, и воопшто, целиот театар, одлично не’ примија и со многу жар и посветеност влегоа во приказната. Низ целиот процес имавне одлична соработка и мирно испловивме низ сите бури што ги носи текстот, но и нашиот сценски прочит. Мислам дека создадовме претстава која зборува за нашето време, и за жал, она што било апсурд пред 60 години, а денес се нарекува горка реалност.
Ви значи ли што ќе може и публиката на МОТ да ја види? Колку е битно дома да имаме увид и во тоа што го работат нашите режисери надвор од македонската сцена?
– Мислам дека концептот на годинашниот МОТ е полн погодок и самата максима да ги погледнеме делата на нашите автори во странство многу ми се допаѓа. Многу важно е да се создаде конекција понеѓу театрите каде што работат македонските театарџии и Македонија, бидејќи со тоа се развиваат односите и се зацврстуваат врските онаму каде
што се шири македонската култура надвор од нејзините граници. А секако и на нас авторите ни значи домашната публика да ги изгледа претставите што ги создаваме надвор од нашата држава.

„Претставата зборува за нашата горчлива реалност и апсурдите што ги нарекуваме наша реалност денес и на гротескен начин зборува за светот во кој живееме.“ Што за вас беше најголем порив да посегнете по овој текст?
– Мислам дека колку повеќе ги работам текстовите на Мрожек сфаќам дека она што било апсурд тогаш со текот на времето станува дел од оваа наша искривена реалност. „Куќа на граница“ е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која
поминува среде куќата. Звучи познато, нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање се’ што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се’ додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира.
„Парите се отепувачка“ ви е нова премиера во Охрид. Посегнувате по антологискиот текст на македонската битова драма. Каква нова димензија му дадовте на текстот?
– „Парите се отепувачка“ претставува класика во македонската драматургија и еден храбар текст за општествените прилики во времето во кое е напишан. Но ние од него се обидовме да направиме македонска интимна фамилијарна трагедија по принципите на античката трагедија и си ги поставивме прашањата на кого му е потешко: на печалбарот
кој треба да го стави животот на пауза и да се жртвува за другите, или семејството кое го чека да се врати? Во ова време кога печалбарството за жал е исто толку актуелно како и кога е напишано ова епохално дело гледаме дека публиката реагира многу емотивно и ја доживува приказната како сегашна.
Во „Амадеус“ на Турски театар се свртевте кон дело посветено на чудото од дете и неговиот антипод Салиери. На прекрасен начин е доловен дел од животот на Моцарт. Каква соработка имавте со актерите од Турскиот театар, кој се чини дека беше совршен избор за оваа претстава?
– Оваа тема беше материјал за мојата дипломска претстава и уште тогаш си реков дека би сакал да имам шанса уште еднаш да ја поставам како целовечерна претстава. И кога во преговорите со Турски театар се наметна како фаворит тема знаев дека тоа е вистинското место да го поставам овој текст. Имавме инспиративен и креативен процес кој донесе
одличен резултат и после премиерата на Охридско лето, секоја изведба поминува фантастично и има одлични реакции од публиката. Ансамблот со кој работев влезе посветено и докрај и со самото тоа се создаде плодна почва за претстава која на сите ни значи. Во најава се неколку фестивали следната година и се надевам дека претставата ќе има долг век и ќе биде дел од репертоарот на Турски театар.





