Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато, велат организаторите
Кристина Е. Крамер и Роли Грау за преводот од македонски на англиски јазик на книгата „Долго доаѓање на огнот“ од Ацо Шопов ја добија меѓународната награда „Драги“ за најзначаен превод на книжевно дело од македонски автор. Наградата ја доделуваат издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
Преводот на репрезентативниот избор од поезијата на Ацо Шопов (The Long Coming of the Fire), беше објавен во 2023 година од американската издавачка куќа Deep Vellum, по повод одбележување на стогодишнината од раѓањето на Шопов. Наградата ќе им биде врачена на 11 септември во 11.30 часот во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во рамките на 12. Македонско-северноамериканска конференција за македонистика. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел од 40.000 денари.

Кристина Е. Крамер
– Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато. Грау и Крамер создале превод што на извонреден начин ја спојува поетската инспирација со филолошката прецизност. Критичарите го истакнуваат нивното мајсторство да ја пренесат целата лепеза на поетските изрази на Шопов – од космичките визии на душата до интимната еротика, од документарната острина во набљудувањето на природата до топлината на татковската грижа – велат организааторите.
Кристина Е. Крамер е професорка по лингвистика и славистика на Универзитетот во Торонто, Канада, како и надворешен член на МАНУ од 2009 година. Повеќе од три децении македонскиот јазик е во фокусот на нејзините најтесни академски интереси. Таа е интензивно посветена и на книжевно преведување. Oд македонски јазик има преведено дела од Гоце Смилевски, Петар Андоновски, Лидија Димковска и Луан Старова. Нејзиниот превод на романот Лето во кое те нема од Петар Андоновски беше закитен со наградата UK Pen Translates Award, а и преводите на Лидија Димковска и Гоце Смилевски биле во потесен избор за значајни награди.
Роли Грау потекнува од Балтимор, САД, а од почетокот на 2000-тите живее во Љубљана, Словенија. Познат е како преведувач од словенечки на англиски јазик. Во 2021 година ја добил Лавриновата диплома за достигнувања во преводот која ја доделува Друштвото на словенечките книжевни преведувачи. Во 2023 година за првпат работел на преводи од македонски јазик, заедно со Кристина Е. Крамер.

Роли Грау
Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè – нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн. Со оваа награда трета година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Во потесна селекција влегоа 12 преводни дела со изданија објавени од 7 издавачки куќи, во превод на 12 преведувачи и од 7 различни јазици.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објавил и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.





