„Кралот Лир“ како визуелна и мистична поетика на Блондел и „Лит Мун“

Посебно впечатлив е начинот на којшто Блондел и актерите градат атмосфера на митски мината, каде ритуалното, фантазмагоричното и сонуваното се спојуваат во едноставна, но длабоко сугестивна шекспировска приказна

Пишува: Звонко Димоски

Публиката имаше уникатна можност да ја види претставата „Кралот Лир“, во адаптација и режија на Џон Блондел, во извонредна изведба на Театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, САД, на третиот ден од 11. Битола Шекспир фестивал. „Лит Мун“ е експериментален театарски колектив чиј интерпретативен и креативен фокус поставен е на визуелно богатиот, физички и интеркултурен пристап во изведбите. Нивните претстави често ги реинтерпретираат класичните драмски текстови преку силни сценски слики, минимализам, кукли, маски, скромни ефективни сценографии, комбинирајќи притоа различни театарски традиции. Често настапуваат на нетрадиционални простори и организираат меѓународни фестивали, создавајќи средина во која публиката не е само набљудувач, туку партнер во театарското доживување. Го промовираат театарот како интеракција меѓу културите, како уметност што ја поврзува заедницата преку креативност и отвореност, реализирајќи резиденции и соработки со уметници од многу земји, меѓу кои и Полска, Бугарија, Македонија, Кина, Шкотска и Албанија. На битолската сцена, освен актерите од „Лит Мун“, овој пат се појавија и Вардан Мкртчјан од Ерменија и македонскиот актер Огнен Дранговски.

Џон Блондел е меѓународно признат театарски режисер и основач на „Лит Мун“ во Санта Барбара. Познат е по својот визуелно поетичен и физички ориентиран театар, кој комбинира маски, музика, движење и силни сценски слики. Неговиот пристап ја нагласува интеркултурната соработка и креативната слобода на актерите, создавајќи класични претстави кои се истовремено модерни, длабоки и достапни за публиката. Како професор и уметнички лидер, има силно влијание врз локалната и глобалната театарска сцена.

Визијата на Блондел и „Лит Мун“ за шекспировиот „Крал Лир“, мајсторски ги преплетува судбините на две семејства. Во едната приказна, Лир (Ирвин Апел) го дели своето кралство меѓу двете ќерки што го ослепуваат со празни пофалби, додека ја прогонува Корделија, единствената која навистина го сака, во изведба на исклучително сугестивната Нина Салинен. Во другата, грофот Глостер (Вардан Мкртчјан) се потпира на подмолниот син Едмунд (Огнен Дранговски), а го отфрла оној што му е искрено посветен, првородениот Едгар (Мичел Томас). Овие две трагедии постепено се вкрстуваат, неводејќи кон смрт, туку кон катарзичен трогателен крај, каде што изнемоштените татковци повторно се сретнуваат со своите деца.

Централниот мотив на оваа интерпретација не е само предавството, туку состојбата што можеме да ја окарактеризираме како „внатрешно слепило“. Внатрешно, бидејќи освен физичкото, реално ослепување кое му се случува на грофот Глостер, продукцијата ја доловува духовната и моралната неспособност да се препознае вистината, суштината и лојалноста. Токму оваа идеја, ги поврзува сите роднински и човечки односи во претставата, нагласувајќи ја универзалната димензија на текстот, најсурово и најискрено доловена од фантастичните Ирвин Апел како кралот Лир, Вардан Мкртчјан, како грофот Глостер и Џејмс Мекарти, како Реган.

Улогите на двете постари ќерки, Гонерил и Реган, ги толкуваат мажи, што во пристапот на Блондел не е само естетска особеност, туку и свесно враќање кон шекспировската традиција. Исто така, едниот е сопругот на другата сестра, и обратно. Во адаптацијата на „Лит Мун“, овој избор добива дополнително значење, односно го нагласува перформативниот карактер на моќта, лажноста и манипулацијата. Машките тела под маските кај Гонерил и Реган ја засилуваат идејата дека нивната љубов кон Лир е претстава, контролирана гестикулација, а не емотивна вистина. На тој начин, продукцијата суптилно го преиспитува односот меѓу родот, авторитетот и лицемерието, што во драмата на Шекспир отсекогаш биле длабоко испреплетени.

Адаптацијата на Блондел ја згуснува оваа комплексна нарација преку силни визуелни слики и извонредна сценска поетика што се преплетува со ненадминливиот шекспировски јазик. Претставата се повикува на сенки од минати светови, исполнети со древни ритуали, привиденија, сенишни пејзажи и едноставна, речиси архетипска раскажувачка форма. Посебно впечатлив е начинот на којшто Блондел и актерите градат атмосфера на митски мината, каде ритуалното, фантазмагоричното и сонуваното се спојуваат во едноставна, но длабоко сугестивна шекспировска приказна, поддржана од оригинална музичка партитура и изведба (Џејмс Коноли), што ја оживува нејзината духовна и емоционална матрица. Тука, освен Коноли, се извојува харизматичноста, духовитоста и досетливоста на Шутот, верниот придружник на Кралот Лир, во одлична изведба на Метју Тавијанини.

Сценскиот свет обликуван од Благој Мицевски создава визуелно прецизна и духовно осмислена сценографија, внимателно приспособена кон духовниот и мистичниот нарав на адаптацијата, и воопшто, на специфичната естетска рамка на трупата „Лит Мун“. Сценографските решенија, како што се хартиениот кралски замок и минијатурните куклички-човечки фигури, играчките, хартиените писма, талисманите за заштита од злото на Шутот (координирани од Јулија Духовни) стануваат еднакви и силни носители на драмската поетика, а со оригиналната музика создаваат свет во кој зборот, движењето и симболот стануваат едно. Фигурите во форма на човечки кукли покажуваат дека секој од нас е само пионче во рацете на другите, додека маските на постарите ќерки го заменуваат класичното зборовно ласкање со визуелно заслепување, нагласувајќи ја нивната манипулативна моќ.

Блондел и „Лит Мун“ на сцената донесоа исклучително интимна и суптилна приказна, создавајќи „театар на искуствена атмосфера“, каде движењето, музиката и визуелниот јазик ја раскажуваат приказната исто толку силно како и зборовите. Притоа пристапот кон публиката останува отворен и комуникативен, бидејќи овој Лир е осмислен и дизајниран на начин кој ја активира гледачката имагинација.

Сподели