Грижата за предвремено родените бебиња не е само медицински процес – тоа е животна мисија исполнета со храброст, надеж и со безрезервна љубов
Излегов од болница сама, со празни раце, додека другите мајки си заминуваа со своите бебиња. Тоа чувство не се заборава, рече Маја Кикириткова, мајка која двапати ја поминала тешката, но храбра патека на предвременото породување. Таа учествуваше на втората конференција „Големите приказни на малите херои“ организирана под покровителство на „Бекутан“. Конференцијата поттикна конструктивни дискусии за современите пристапи во неонаталната нега и за реалните предизвици со кои се соочуваат родителите и експертите при грижата за предвереме родените бебиња.

Секое предвремено родено бебе се соочува со милиони предизвици, безброј непроспиени ноќи и голем број неизвесности, но и силна мрежа од љубов, верба и посветеност, која го претвора секој мал чекор напред во голема победа, едногласно заклучија панелистите и родителите на предвреме родени бебиња – Маја Кикириткова, Горан Папаз и доц. д-р Игор Исјановски. Модератор беше д-р Станка Танчева-Крстевска.
Синот на Кикириткова, Лазар, поминал 40 дена во инкубатор, а ќерката Ева по раѓањето била 8 дена под надзор.
– Овие мали борци се борат секоја секунда. Верувам дека таа борба ќе ги направи силни низ целиот живот – порача Кикириткова, испраќајќи недвосмислена поддршка до сите родители кои поминуваат низ слични ситуации.
Охрабрувачка порака исполнета со надеж испрати и панелистот доц. д-р Игор Исјановски, кој бил роден во 28. недела од бременоста на неговата мајка, со само 900 грама телесна тежина. Денес тој е доцент на Медицинскиот факултет во Скопје.

За улогата на таткото во семејствата со прематурни новороденчиња говореше и Горан Папаз, татко на четири деца, од кои три се предвремено родени.
– Татковците треба рамноправно да учествуваат во растењето на децата. Тоа не е помош, туку одговорност еднаква на онаа на мајката – рече Папаз.
Фокус на првиот панел беа актуелните медицински сознанија во неонатологијата и важноста на мултидисциплинарниот пристап во грижата за предвремено родените бебиња.
– Верувајте во вашите мали херои, кои не по своја желба ја започнале животната борба многу порано од своите врсници. Со позитивна мисла и верба тие ќе пораснат во вистински херои – рече Станка Танчева-Крстевска, специјалист педијатар.

Панелот го модерираше прим. д-р Марина Поп Лазарова, а дискутираапроф. д-р Катерина Дамевска, д-р Симонида Спасеска и проф. д-р Силвана Наунова-Тимовска. Тие беа едногласни – најсилна поддршка за предвремено родените бебиња е мајчинската љубов, која носи стабилност, топлина, сигурност и природен мир.
– Современата медицина многу ни помага, но најсилен ефект кај предвремено родените бебиња има контактот кожа на кожа. Тој ја зајакнува врската мајка–дете и ги стабилизира виталните параметри. Мајчината љубов е вистински лек – нагласи Наунова-Тимовска.
Со речиси пет децении традиција во хигиената и негата на детската кожа, „Бекутан“ е поддршка на родителите и на експертите во грижата за најмалите уште од првиот ден по нивното раѓање. Оваа година брендот континуирано обезбедува резерви од кремот Becutan Sensitive SOS во пет родилни центри, каде што под строг медицински надзор повторно се потврдени неговата безбедност и ефикасност во негата на најчувствителната кожа.





