Костадин Танчев-Динка: Графичката работилница е едно од најзначајните нешта во сиот мој работен век

Тој се обрати на отворањето на изложбата на новосоздадените дела изработени во изминатите десетина дена во Богданци

„Графичката работилница Софија е едно од најзначајните нешта во целиот мој работен век. Нешто на што сум особено горд, бидејќи опстојува цели 15 години“, рече Костадин Танчев-Динка, еден од најреномираните графичари во Македонија, професор во пензија на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, поранешен претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Танчев-Динка се обрати на отворањето на изложбата на новосоздадените дела изработени во изминатите десетина дена во Богданци, на 15. издание на традиционалната Графичка работилница. Изложбата е отворена во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Работилницата се одржа во печатницата „Софија“ каде престојуваа 18 студенти од завршните години од додипломските и постдипломските студии на факултетите и академиите за уметност од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и од Македонија.

Проф. Јохан Јотов од Националната академија за ликовни уметности во Софија рече дека со години слуша од своите студенти силни впечатоци за тоа како се работи на Графичката работилница во Богданци.
– Среќен сум што сум ментор токму на јубилејното издание и што лично се уверив во значењето на овој центар – рече Јотов.

Младите графичари работеа во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат. Тоа епотврда дека работилницата прераснува во меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност.

Во Боданци, во изминативе 15 години гостувале ментори од сите значајни академски центри од регионот, а твореле повеќе од 200 уметници, кои оставиле фонд од околу 500 дела.
– Завршната изложба на Графичката работилница традиционално се одржува во Домот на културата и тоа дава силен печат на нашиот град – истакна директорот на Домот, Бранко Сапламаев.

Претседателот на здружението „Графичката работилница“, Виктор Семенпеев на учесниците им додели благодарници и мапа со дела изработени од нив самите. Секој графичар доби траен спомен – збирка графики од своите колеги, со кои заедно создаваа. Во знак на благодарност за соработката, графика доби и градоначалникот на Богданци, Блашко Шапов.

Сподели