Заврши конзервацијата и реставрацијата на куполата и на кровните покривачи од црквата „Св. Богородица Захумска“ од 1361 година, соопшти Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид. Со конзервацијата на покривната конструкција и со замената на транзените се обезбедуваат основните предуслови за заштита од дождови и појава на влага во црквата која дејствува деструктивно и на архитектурата и на ѕидното сликарство.
– Во тек се подготвителните работи за статичко зајакнување на црквата, со што ќе се обезбеди целосна заштита на овој средновековен архитектонски бисер – велат од Заводот.
Проектот е финансиран од Министерството за култура, а се изведува под раководство на архитектот Ристо Петковски, советник конзерватор од Заводот и музеј од Штип и под стручен надзор на Тања Паскали, советник конзерватор од охридскиот Завод и музеј.
Насловна фотографија: Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид





