Конкурс за дизајнери: Лого, постер и слоган за подигнување на свеста за органодонорство и трансплантација

Брендирање кампања за подигнување на свеста за органодонорство и трансплантација е темата на отворениот повик за професионални дизајнери, проект што го финансира од Европската Унија во соработка со Министерството за здравство. Целта е да се подигне јавната свест за органодонорството и трансплантацијата преку креативно изразување. Ќе бидат доделени три награди:

– Најдобар дизајн на лого: Награда од 400 евра за најиновативниот и највлијателниот дизајн на логото.

– Најдобар слоган: Награда од 300 евра за најпривлечниот и најнезаборавниот слоган.

– Најдобро визуелно решение за постер: Награда од 300 евра награда за дизајнерот кој ќе обезбеди најкреативен и визуелно најпривлечен дизајн на постер.

Рокот за доставување на решенија е 4 март. Најдобрите 10 до 15 избрани решенија ќе бидат дел од изложба организирана на јавен простор. Комисијата го задржува правото да не избере ниту едно од поднесените решенија.

– Tрансплантацијата на органи, освен што спасува животи, ги поставува и темелите на етичките принципи во здравството, но и во општеството во целина. Органодонорството не само што спасува животи на пациентите кои немаат друг избор за лекување, туку и ја испитува нашата хуманост. Семејствата на донорите заслужуваат почит и признание за нивниот алтруизам и надежта која ја даваат за подобра иднина на болните, но и на целото општество преку нивниот пример. Токму ова е иницијалната замисла за започнување кампања за подигнување на свесноста за органодонорство – велат организаторите на повикот.

Повикот до професионалните дизајнери се однесува на дизајнирање сеопфатен пакет за брендирање преку креирање визуелни решенија (лого, постер, слоган), кои ефикасно ја подигнуваат свеста за критичната важност за донирањето органи и за трансплантацијата.

Целта на креативните решенија е да информираат и едуцираат, при тоа доловувајќи ја суштината на пораката за надеж, живот и единство, како асоцијација на хуманиот чин на органодарување.

Секој дизајнер може да аплицира со еден пакет за брендирање. За доставените решенија ќе одлува петчлено жири.

Повеќе информации на линкот.

Сподели