Вештачката интелигенција во хуманистичките и општествените науки – Меѓународна недела на Филозофскиот факултет

Ова е можност за сите матуранти да дојдат и да посетат барем едно предавање на Меѓународната недела и на тој начин да го почувствуваат одблиску македонскиот високо-образовен простор, вели проф. д-р Маја Геровска-Митев, продекан за наука и меѓународна соработка на Филозофскиот факултет

Вештачката интелигенција низ призма на историската наука, филозофијата, етиката, теологијата, класичните студии, педагогијата, социологијата, социјалната работа и меѓународната безбедност е тема на предавањата на реномирани научници од светот кои ќе учествуваат на 6. Меѓународна недела на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што ќе се одржи од 19 до 22 февруари. За нив е посебно привлечна можноста за вклучување во интердисциплинарен третман на темата, вели проф. д-р Маја Геровска-Митев, продекан за наука и меѓународна соработка на Филозофскиот факултет. Со неа разговараме за темата која е фокус на годинашниот меѓународен собир, за досегашните искуства и моѓностите што ги нуди за актуелните и идни студенти на Филозофскиот факултет.

Проф. д-р Маја Геровска-Митев

Во пресрет на 6. Меѓународна недела на Филозофскиот факултет, што ќе се случува од 19 до 22 февруари на факултетот?

– Со цел да им понудиме на студентите интердисциплинарна и интернационална перспектива во проучувањата на хуманистичките и општествените прашања, традиционално, веќе шеста година по ред, летниот семестар на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го отпочнуваме со организација на Меѓународна недела. Оваа година предавања ќе одржат професори и истражувачи од партнерски универзитети од Европа, регионот и пошироко, меѓу кои: проф. д-р Вулф Канштајнер од Универзитетот „Архус“ во Данска, проф. д-р Фатима Румат од Универзитетот „Мохамед Петти“ од Мароко, проф. д-р Естер Раја Диез од Универзитетот „Ла Риоха“ од Шпанија, проф. д-р Марко Маринчиќ од Филозофскиот факултет од Љубљана во Словенија, д-р Љубиша Бојиќ од Институтот за истражување и развој на вештачка интелигенција на Србија и Институтот за филозофија и социјална теорија при Универзитетот во Белград и уште многу други.

Дополнително, Меѓународната недела е и форум каде ги промовираме новите меѓународни проекти на Филозофскиот факултет. Оваа година имаме два нови меѓународни проекта: „Пристапни виртуелни музејски збирки“ од програмата Еразмус за соработка во високото образование, на кој Филозофскиот факултет е носител/координатор, во партнерство со Чешкиот технички универзитет од Прага и FYG Consultores од Валенсија, Шпанија. Вториот проект „Промоција на универзални вредности преку дигитална епиграфија и културно наследство“ е од програмата Креативна Европа, на кој носител е Археолошкиот музеј на Македонија, додека Филозофскиот факултет во Скопје заедно со Филозофскиот факултет во Белград, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, како и Балканскиот Институт САНУ од Бугарија се партнери во проектот.

Како куриозитет, оваа година, во рамки на Меѓународната недела ќе биде одиграна и театарска претстава, односно монодрамата „Бикот на Фаларис“, која е напишана и која ќе биде изведена од Стивен Фридман, кој воедно е и еден од предавачите за време на настанот. Како молекуларен биолог образован на Харвард, визуелен уметник и филозоф, Фридман ќе испорача перформанс низ призма на личниот наратив, поезијата, уметноста и науката.

Темата годинава е „Вештачката интелигенција во хуманистичките и општествените науки“. Зошто решивте во фокусот да ја ставите токму на оваа тема?

– Има многу причини зошто токму оваа тема е фокус на 6. Меѓународна недела. Најнапред, таа претставува своевидно продолжување на дискусиите кои ги започнавме на 2. Меѓународна недела која се одржа во февруари 2020 година, кога фокусот беше на „Иновациите во хуманистичките и општествените науки“. Оттогаш Филозофскиот факултет се обидува да наметне дебати и размислување кои гледаат на иновациите подалеку од вообичаената призма на технологија и бизнис. Дел од тезите кои тогаш ги промовираме говореа за „иновацијата, како начин на историско постоење, односно дека е невозможно историскиот ентитет да опстане долго без да иновира“ (А. Спанос); „користење на филозофијата како наука за институционализирање на други режими на знаења, меѓу што и за испитување на потеклото на несигурниот капацитет што дозволува трансформирање на старото во ново“ (П. Бојаниќ); „промоција на литерарна библиотерапија“ (Д. Пискаќ), „универзитетот како простор за „програмирање пронајдоци“ и институција каде што има растечка свест за потребата од повторно преобмислување на пронајдоците“ (С. Вробел); како и „вклучувањето на психологијата во колаборативното и научно-заснованото создавање на иновации, затоа што овозможува разбирање на човечките потенцијали и ограничувања, ставовите, однесувањето и начините на комуникација во различни контексти, што директно го засега дизајнот, но и усвојувањето и ефективноста на иновациите (К. Наумова).

Четири години подоцна, поаѓајќи од фактот дека сеприсутната генеративната вештачка интелигенција (ВИ) воведе нова ера на можности, но и ризици, како факултет сме посветени да дознаеме повеќе како ВИ ја менува науката и општеството. Па така, природно се наметна дека ќе ја посветиме 6. Меѓународната недела за испитување на потенцијалот, но и предизиците кои вештачката интелигенција ги носи за хуманистичките и општествените науки.

За Филозофскиот факултет ова не е нова тема. Институтот за родови студии е прв во Македонија кој воведе вештачка интелигенција како алатка за учење и унапредување. Какви се искуствата досега?

– Платформата за родови студии заснована на ВИ е дел од активностите за одбележување 15 години постоење на Институтот за родови студии. Станува збор за дополнителна алатка во учењето, која секако им е од помош на студентите при совладувањето и подготовката на материјата од родовите студии. Препознавајќи го ентузијазмот на колегите при Институтот за родови студии поврзани со етички одговорното користење на вештачката интелигенција во високото образование, Филозофскиот факултет од сопствени средства го финансира научно истражувачкиот проект „Користење на вештачка интелигенција за унапредување на родовата еднаквост во академските истражувања“, чии реализатори се колегите од Институтот за родови студии. Целта на проектот е испитување на потенцијалот и имплементацијата на ботовите со ВИ во областа на родовата еднаквост во научното истражување; како и организирање и спроведување на онлајн обуки за родови прашања во научното истражување преку креирање и одржување на онлајн платформа поддржана од технологијата на вештачката интелигенција. Повеќе информации за овој проект може да се најдат на линкот.

На конференцијата свои излагања ќе имаат научници од повеќе универзитети од регионот и од светот. Каков беше фидбекот во однос на темата, со оглед на брзиот развој на технологијата кој верувам дури ни најфлексибилните универзитети во светот тешко може да ги следат?

– За разлика од екстремно ниското ниво на финансиски вложувања за научни истражувања во Македонија, последните пет години во Европа и светот интензивно се инвестира во истражувања поврзани со употребата на вештачката интелигенција во општествените и хуманистичките науки. Па така, од „морето“ научници при партнерските универзитети кои истражувале и публикувале за вештачката интелигенција во хуманистичките и општествените науки, успеавме да привлечеме мал дел, кои можеа да одвојат време од нивниот наставно-научен ангажман и да дадат свој придонес со физичко присуство на Меѓународната недела на Филозофскиот факултет во Скопје.

Според кажувањата на голем дел од нив, посебно привлечна за нив е можноста за вклучување во интердисциплинарен третман на темата. Поканетите предавачи ќе говорат и дебатираат за вештачката интелигенција низ призма на историската наука, филозофијата, етиката, теологијата, класичните студии, педагогијата, социологијата, социјалната работа и меѓународната безбедност. При договарањето на предавачите и рафинирање на темите за предавање, можеше да се насети едногласност и консензус за потребата од јавна контрола на вештачката интелигенција, особено за да се осигура дека ВИ се придржува до демократските и правните норми за транспарентност, правичност и одговорност.

По пет организирани Меѓународни недели, која е најголемата придобивка за Филозофскиот факултет, за наставниот кадар и за студентите, особено за оние што планираат да студираат на некој од Институтите на Филозофскиот факултет? Или за оние сè уште неопределените? Какви дополнителни можности нуди за нив?

– Придобивките за факултетот, а со тоа и за универзитетот во целина, се многукратни. Се зголемува меѓународната видливост на Филозофскиот факултет и УКИМ, преку зголемување на бројот на мобилности на професори од странство, преку зголемување на бројот на дојдовни студенти од странство кои преку мрежите за мобилност (ЦЕЕПУС, ЕРАЗМУС) доаѓаат да го проследат настанот, и секако се зајакнува промоцијата на факултетските меѓународните проекти. Придобивките се состојат и во воспоставувањето и одржувањето на широко разгранета меѓународна мрежа на истражувачи, професори и пријатели во високото образование, со кои продолжуваме да соработуваме при планирање идни наставно-научни активности. Со гостите предавачи на Меѓународната недела развиваме заеднички научно-истражувачки проекти, планираме заеднички академски настани и истите ја отвораат вратата за меѓународна мобилност на нашите студенти.

За оние кои планираат да студираат на некој од Институтите на Филозофскиот факултет, Меѓународната недела претставува вистински „Отворен ден“ или „Отворена недела“, на која може одблиску да ги запознаат нивните идни професори, да слушнат за најновите дебати во хуманистичките и општествените науки, но и да остварат контакти за меѓународна мобилност со предавачите од странство. За таа цел, со огромно задоволство ги поканувам сите средношколци од четврта година да дојдат и да посетат барем едно предавање на Меѓународната недела, и на тој начин да го почувствуваат одблиску македонскиот високо-образовен простор.

Оваа година, ни доаѓаат и петнаесетина студенти од Хрватска, кои преку ЦЕЕПУС мрежата „Биоетика“, во која партнер е Филозофскиот факултет, ќе реализираат еднонеделна мобилност на нашиот факултет и ќе учествуваат на Меѓународната недела. На крајот, придобивките за студентите можеби најдобро се прикажани во освртот за првата одржана Меѓународна недела во 2019 година, напишан од страна на наша студентка, сега веќе наш алумни, Ивана Хаџиевска, магистер по историски науки, во факултетскиот весник „Внатрешен патник“ (бр. 21/2019):

„Меѓународната недела овозможи креирање на креативен меѓу-простор во академскиот курикулум во македонски контекст. Таа понуди простор за замислување на перспективи, кои во светот во кој живееме мора да се движат по линијата на добра и цврста организација на образовните процеси, меѓународно вмрежување и форми на отворени, слободни и бесплатни платформи за научна размена. Меѓународната недела на Филозофскиот факултет во Скопје успеа да долови и претстави како би изгледал просторот за еманципаторско образование посветено на еднаквост, здружување и солидарност, каде новите епистемолошки структури се формираат, истражуваат и споделуваат“.

Целата програма за 6. Меѓународна недела на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје може да се погледне на линкот. 

Фото: Архива на Филозофски факултет

Сподели