„Бајка“ е насловен концертот на Македонската филхармонија што ќе се одржи вечерва во 20 часот, на кој како солистка ќе настапи виолинистката Ана Кондратенко, концертмајстор во филхармонијата. Таа воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.
Кондратенко ќе се претстави и како диригентка со Камерниот оркестар составен од членовина Македонската филхармонија.
Родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје.





