Во рамките на 46. „Скопско лето“ ќе се одржи концерт за деца насловен „Песна за жирафата“ во изведба на ансамблот „Консонанс“ вечерва во 20 часот во Сули ан во Старата скопска чаршија. „Песна за жирафата” е музичка приказна за деца која преку прекрасната музика на композиторот Ф. Ј. Хајдн и забавниот и едукативен текст, ни ги претставува и доловува специфичностите на секој од инструментите, на интересен и креативен начин. Наменета за деца од различна ворзст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои кои ги произведува еден жичан инструмент како што е виолината, или пак некој од дувачките инструменти како што се флејтата или пак кларинетот.
Во текот на музичката приказна, актерот толкувајќи го ликот на самиот композитор Ф. Ј. Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многу аспекти од класичната музика и инструментите кои се користат во нашиот ансамбл „Консонанс“.
Во оваа музичка приказна преку приказна и интеракција, децата ќе можат да се заапознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои нè едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет. Сите овие инструменти се солистички инструменти кои можат да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика.
Аниматорот ги воведува децата во светот на Ф. Ј. Хајдн раскажувајќи дека тој е австриски композитор кој живеел и творел во периодот на класицизмот, заедно со големите композитори Моцарт и Бетовен. Речиси сиот свој работен век го поминал пишувајќи музика на дворот на познатиот благородник Естерхази во Австрија. Хајдн освен што пишувал музика, тој на дворот на кнезот Естерхази го раководел и оркестарот, организирал концерти и се грижел за музичкиот живот на дворецот. Освен работата на дворот тој патувал и пишувал многу музика, и затоа за него се вели дека е композитор со многу голем опус, односно голем број на напишани композции како што се сонати, симфонии, квартетии, триа, концерти за инструменти, композиции за пијано и други инструменти.
Хајдн бил многу мил и со пријатен карактер, но водејќи го оркестарот не бил само диригент, туку нивен доверлив човек и пријател. Доколку имало спор тој морал да го реши и поради тоа бил како таттко на музичарите, па не е ни чудо што сите го викале „Папа Хајдн.” Забавниот и креативен начин е единствениот правилен пристап за едукација на најмладите па затоа на еден ваков начин преку приказна, интеракција и музика децата се едуцираат за еден многу важен период и композитор од ерата на класичната музика.
Оваа музичка приказна е напишана од Франц-Георг Штелинг, кој е уметнички агент и Јерг Шаде – актер, автор и режисер, замолувајќи го Улф-Гвидо Шефер – кларинетист да ја аранжира музиката за квинтет кој со големо задоволство прифаќа и создава музика која совршено ја дополнува прекрасната приказна и дејството кое Штелинг и Шаде мајсторски го смислиле.
Ансамблот „Консонанс“, основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на почетокот беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денеска во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл. „Консонанс“ е посветен на изведбата на камерната музика истражувајќи ги огромните можности пред сè на дрвените дувачки инструменти кои го сочинуваат Консонас, а тоа се: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет, како и останатите инструменти вклучени најчесто како концертни гости. Ансамблот го сочинуваат членови од Македонската Филхармонија и тоа: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – Бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта како и виолинстката Ивана Здравкова. Сите овие музичари со долгогодишно искуство подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
Здравко Ангелов своето музичко образование го оформува на ФМУ во Скопје. Добитник е на бројни награди, а како прв кларинетист, солист во оркестарот на Филхармонија, настапувал многу пати во улогата на солист во Македонија и надвор од неа. Своето долгогодишно искуство го гради посветувајќи се на изведба на различни музички жанри, од кои класичната музика зазема најзначајно место.
Маја Чанаќевиќ е обоист и англиски рог во Филхармонијата која долги години покрај негувањето на оркестарското музицирање, активно настапува и како камерен музичар и солист. Настапувала во Македонија и надвор од неа. Покрај активното музицирање таа делува и во полето на музичкиот менаџмент.
Елена Дојчинова е прва флејтистка во Филхармонијата. Музичкото образование го завршува во Скопје но инструментот го усовршува работејќи со еминентни флејтисти надвор од нашата држава. Посветена на солистичкото и камерно музицирање концертира заедно со различни ансамбли во Македонија и надвор од неа.
Сашко Темелковски е кларинетист и бас кларинетист во Филхармонијата. Еден од основачите на Консонанс, кој заедно со своите колеги активно делува во полето на оркестарската и камерна музика. Член е и на оркестарот на Фамес, каде се занимава со професионално снимање на филмска музика.
Ивана Здравкова е виолинстка која што ја развива својата кариера настапувајќи како солист и член на различни ансамбли и оркестри. Настапувала како солистка со Филхармонијата, а во моментов соработува со орекстарот на Фамес и Филхармонијата.
„Консонанс“ има настапувано на најпрестижните национални фестивали и настани во Македонија како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Турција и САД. Ансамблот има издадено и едно цеде.
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари (родител+дете), кои ќе може да се купат пред почетокот на настанот на влезот на Сули ан.





